Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Блажевски: Јавните сервиси во регионот се посилни од нашиот

0
By Нова ТВ on February 22, 2018 ВЕСТИ
Теофил Блажевски
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Во медиуми досега сте работеле?

Мојата новинарска кариера, така да ја кажам, е прилично долга 33 години. И почнува уште со првите години на студии по новинарство на универзитетот Св. Кирил и Методиј. Почнав во тогашните младински весници, во поранешниот систем, во поранешната држава Млад борец и Студентски збор. Најдолго се задржав во Студентски збор, цели пет-шест години. За потоа полека да почнам во традиционалните медиуми. Тогаш и немаше многу медиуми. Постоеше од печатените медиуми системот на НИП Нова Македонија, со две големи изданија дневни и Македонската радио телевизија. Почнав во Македонската радио телевизија, прво како хонорарец во телевизијата уште додека студирав, а потоа професионално од 1991 во Македонското радио. Таму се задржав цели 7-8 години. Го напуштив тој медиум, преминав во првата љубов – печатените медиуми, во неделникот Фокус, таму се задржав исто 4 години, па преминав во новинска агенција, првата и единствена во тоа време независна новинска агенција Макфакс, каде што останав некаде цели 6-7 години, за потоа да имам извесен прекин. Работев во UNDP исто така на еден медиумски проект, па потоа пак прекин, па во Медиа принт Македонија, каде што работев на развој на проект за онлајн медиуми. За потоа последниот голем традиционален медиум да ми биде неделникот Граѓански. Во последниве три години работам на интернет портали, на медиумски проекти кои што се дел од невладината организација Метаморфозис.

Како еволуираше новинарството низ годините?

Еволуираше во обратен правец. Новинарското знаење, новинарските правила и стандарди беа многу поцврсти и посилни во првата декада од транзицијата. Потоа настанува еден прекин откако политиката па и бизнисот, политичките и бизнис елити се повеќе се вплеткуваа во работата на новинарството и во контролата на медиумите, за да во последниве години, значи кулминацијата на овој процес достигна со гаснењето и затворањето на А1 телевизија. Со заканите физички и апсењата на новинари или физичките напади врз новинарите на улица и на јавни настани, за да во последниве неколку години стандардите професионални и етички во новинарството повторно почнуваат да се враќаат. Тоа некој грубо може да го поврзе што е неточно со „враќањето на животот“ и со смената на власта. Но, факт е дека и пред тоа заради силниот внатрешен отпор на не баш малиот број новинари кои останаа чесно да си ја вршат професијата создаде една поширока критична маса која што изврши притисок за повторно враќање и почитување на основните, базични професионални новинарски и етички стандарди. Така да сега во моментов состојбата е некаде ни ваму, ни таму, по мене со перспектива да се врати на подобро. Но, за тоа секако треба многу напор, вложување труд, притисок од професионалните новинарски организации, притисок од независните медиуми и ширење на свеста за потребата од почитување на професионалното новинарство. Ќе нагласам како четврта вистинска власт во едно општество. Трите власти ги знаеме многу добро, извршна, судска и законодавна, оној што треба да ги контролира во име на демократската јавност и да биде чувар на демократските вредности на едно општество се независните медиуми и е новинарството.

Како влијаеше интернетот и технологијата на новинарството?

Многу позитивно, многу се радувам на тој технолошки напредок, генерално на комуникациите. Кога студирав пред триесетина години, по предметот Комуникации, ВоИП технологијата, пренесување на глас преку интернет беше нешто само како теориско, магловито сознание за нешто што е полека во развој во високо софистицираните технолошки западни земји. Главната комуникациска врска што ја учевме, што постоеше и врз која се базира новинарството и трансферот на новинарските производи беа класичните радио врски и телевизискиот сигнал. И во оној период за кој што ви кажав дека немало толку лоши професионални стандарди и во оној уште пред него претходен период кој сме го означувале како недемократски сме се соочувале и со флагрантни притисоци врз новинарите и со цензура, но и со мали победи. Ќе ви кажам пример. Во 1987 година имаше некои големи демонстрации во едно село во југозападна Македонија, Вевчани, кои што беа сузбиени со употреба со голема полициска сила, со употреба на електрични палки, дури беа применети и врз жени и врз деца. Многу луѓе беа уапсени и тоа беше скандал во тоа време кој што се пренесуваше во цела Југославија. Еден месец по настаните, дури и пократко, побарав од Македонската телевизија каде што работев хонорарно да направам репортажа во рамките на една младинска емисија. Во тоа време ми дозволија луѓето, цела екипа телевизиска, два дена снимавме, го измонтиравме материјалот. При монтажата се појави уредникот одговорен на првата програма тогашна на Македонската телевизија, со за мене еден непознат човек кој што рече „добар ден“, го изгледа измонтираниот материјал и рече „пријатно“. Вечерта кога одеше емисијата, наместо 45 минути, траеше 30 минути, материјалот го немаше, прилогот беше тргнат. Тоа ми беше првата класична цензура, меѓутоа во истите тие години, едно две години подоцна во наводно многу ригиден комунистички весник со назив Комунист кој што беше орган на тогашната партија, подоцна прерасна во неделник кој што се викаше 21, освоивме една многу мала победа. Тримесечно истражување за ловиште на највисоките функционери од социјализмот беше откриено со факти и со докази, беа откриени злоупотреби и штети настанати врз селаните кога се градело ловиштето, беа откриени масовни ловечки трофеи што денеска би биле некој скандализиран факт за друштвава за заштита на животни, а и генерално. Од типот на глави на елени, рогови од разни егзотични животни. И тој текст иако имаше притисок да биде забранет, сепак поради притисок на една млада групација на новинари кои работеа во тој весник, беше публикуван. Имало и позитивни и негативни страни, притисоците како што ви реков постоеле и борбата е вечна. Тие постојат и сега, и ќе постојат и во иднина. Но има и вакви случаи на цензура на забрането интервју веќе во демократското општество кое штотуку беше започнало, во 1992, интервју со потпретседател на држава не ми беше објавено без никаква најава, на прашањето зошто – затоа што така сакав. Човекот што тоа го стори, да биде скандалот уште поголем, до пред некоја година предаваше на студенти на новинарство три или четири предмети. Единственото современо средство кое што тогаш колку толку им беше достапно и тоа со голема молба на новинарите репортери кои што излегуваа на терен е радио приемник и предавател, токи-воки со кој што можеа да комуницираат со редакциите, под услов да можеа редакциите да си дозволат да купат такви апарати и да им ги дадат на репортерите. Така да, интернетот денеска од најшироката масовна употреба, и во јавноста, и неговата пенетрација особено во медиумите влијае многу многу позитивно. Информацијата се пренесува екстремно брзо. Можностите еден новинар мултимедијално да го обработува настанот се екстремно зголемени и се покажува неговата важност, особено при репортерството. Ќе ве потсетам на настаните од 27 април во Собранието, од таканаречениот Крвав четврток, кога благодарение на интернетот  благодарение на паметните телефони кои што можат да емитуваат висококвалитетна слика и звук, јавноста дозна од повеќе извори во исто време што се случува. Она што се случуваше, во смисла на отстранување на класичните новинарски екипи, на големите камери со кои што оперираат мејнстрим медиумите, за среќа не го спречи и пренесувањето на вистината. Вистината во вистинско време, во real time стигна до најшироката јавност и тоа беше по мене еден од главните фактори за брзо завршување со што помалку последици во однос на човечки жртви или во однос на поголеми општествени промени кои што можеби беа замислени да се случат таа вечер.

Дали во некој момент сте се соочиле со некој проблем или притисок во новинарството, поради кој сте помислиле да се откажете од професијата?

Повеќе пати. Она што сакам да го нагласам е дека притисоци, пречки, опструкции имало, има и ќе има. Тоа произлегува поради простиот факт што првиот принцип на новинарот и на новинарството, а тој е запишан патем во Меѓународната федерација на новинари која има девет принципи, усвоени уште во далечната 1954 година, па надоградени во 1986. Првиот принцип вели дека новинарот ќе се бори и се залага за вистината и ќе направи се вистината дојде до јавноста, тоа е првиот принцип. Значи пречките, опструкциите и притисоците произлегуваат токму од тој факт, новинарот и медиумите заради својата општествена улога и заради почитување на овој прв принцип – вистината и трансфер кон пошироката јавност доаѓаат секогаш во судир со оние кои што не ја сакаат вистината или сакаат да ја прикријат. Во едно општество генерално тоа се политички и бизнис елити и криминални здруженија, кои кога зборуваме за организиран криминал секогаш се поврзани во ова свето тројство. Од таму природно е политичките елити или бизнис елитите без оглед на демократското уредување, без оглед на силни стандарди и законски или етички поставени, секогаш да настојуваат кога им одговара да ја сокријат вистината. Новинарите и медиумите од друга страна секогаш настојуваат да ја откријат вистината. При тоа е природно да дојде до судир и притисок. Колкав ќе биде тој притисок, дали новинарот ќе го издржи, дали медиумот ќе го издржи важи од многу фактори, пред се од интегритетот на новинарите и од интегритетот на уредувачката политика, на уредувачкиот менаџмент, но и од сопствениците на медиумите кога станува збор за приватни медиуми. Оттука па се налага и важноста на значењето на јавниот сервис. Силен јавен сервис е гаранција за почитување овој прв принцип на Меѓународната федерација на новинарите, а тоа е барање на вистината и нејзино пренесување до јавноста. Ако во приватните медиуми има пречки, од аспект на сопственичките структури кои што многу често знаат да тргуваат со медиумот со политичките и бизнис елити, јавниот сервис по дефиниција е ослободен од таков притисок и служи на јавноста, затоа е многу важно да има силен независен јавен сервис како чувар на демократските вредности.

Како го замислувате оживувањето на Јавниот сервис?

Со знаење, политичка волја и пари. Политичката волја и парите се поврзани, одат едно со друго. Ако има силна политичка волја кај тие што се носители на власт, ќе обезбедат и доволно пари за да функционира независниот сервис неоптоварен од финансиските средства. Јавниот сервис во однос на приватните медиуми има многу повеќе обврски кои што се наброени и во Законот, овој постоечкиот и во овој новиот што се подготвува во членовите 110 и 111. Ако приватниот медиум нема потреба или никој не може да го натера да емитува и да создава детска програма, Јавниот сервис мора. Ако приватниот медиум нема потреба да зборува за верските чувства или за животот на верските заедници во едно општество, јавниот медиум мора. Ако приватниот медиум не мора да се занимава со националниот диверзитет, со мултикултурата, мултиетничноста, мултирелигиозноста во едно општество и пронаоѓање на најдобра можна симбиоза за да функционира се како што треба, Јавниот сервис тоа мора да го стори. Ако приватниот медиум не мора да ги преведува емисиите дебатни или информативни на други јазици кои што живеат во оваа држава, Јавниот сервис тоа мора да го стори. Во моментов за жал се случува токму обратното, приватни медиуми да бидат предводници на некои вакви трендови, а Јавниот сервис да не си ја извршува улогата за која што е создаден.

Какво е новинарството кај нас во споредба со регионот?

Тешко е да се одговори на ова прашање. Мислам дека ако еве зборуваме за регион, на Балкан, не би рекол дека е нешто многу подобро или дека е нешто многу полошо. Она по што се разликува новинарството во регионот е силината на јавните сервиси. Колку што одите посеверно на Балканот, или малку источно да ѕирнете, па дури и западно, ќе видите дека јавните сервиси таму се посилни, иако патат од политички влијанија и не си ја остваруваат комплетно својата улога, сепак се во многу подобра позиција и имаат многу поголема гледаност од Јавниот сервис кај нас. Во однос на приватните медиуми состојбата е помалку или повеќе иста, јас тоа можам да го потврдам бидејќи комуницираме со многу колеги и преку Советот за етика каде што сум член на жалбената комисија и преку Синдикатот каде што сум потпретседател на Независниот синдикат на новинари, а и преку просто медиумско следење на она што го прават колегите во регионот. Така да не е ни подобра, ни полоша, разликата е само во различниот квалитет на јавните сервиси на Балканот.

“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”. 

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Спречен обид за атентат врз шефот на руската безбедност

November 18, 2025

Крај на евтините нарачки за европските граѓани: ЕУ подготвува укинување на правилото што ги штитеше Тему и Шеин од царини

November 18, 2025

ФИФА пас -Трамп и Инфантино објавија постапка која ќе им олесни на фановите за Светското првенство

November 18, 2025

Ле Монд: „Игра на престоли“ во Брисел – Фон дер Лајен и Калас во борба за контрола на европската дипломатија

November 18, 2025

Советот за безбедност на ОН одобри резолуција за мировниот план на Трамп за Газа

November 18, 2025
ФОКУС

Поранешниот министер за одбрана побегнал од Украина – Умеров не се вратил од патувањето во САД поради корупциски скандал

ВЕСТИ November 18, 2025

Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина и поранешен министер за одбрана,…

Милано: Обвинителството во ја проширува истрагата „Сараево Сафари“

November 17, 2025

Брисел: Албанија утре го отвора последниот кластер во преговорите со ЕУ

November 16, 2025

Скопје: Без збор – со мисла / 12:05 Ангелите со скопјани / протестен марш / 15 ноември 2025

November 15, 2025
ТИКЕР

Спречен обид за атентат врз шефот на руската безбедност

November 18, 2025

Крај на евтините нарачки за европските граѓани: ЕУ подготвува укинување на правилото што ги штитеше Тему и Шеин од царини

November 18, 2025

ФИФА пас -Трамп и Инфантино објавија постапка која ќе им олесни на фановите за Светското првенство

November 18, 2025

Ле Монд: „Игра на престоли“ во Брисел – Фон дер Лајен и Калас во борба за контрола на европската дипломатија

November 18, 2025

Советот за безбедност на ОН одобри резолуција за мировниот план на Трамп за Газа

November 18, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.