Претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно – имунитетни прашња Павле Богоевски смета дека Собранието треба да одлучува по барањето на Судот за одземање на имунитетот на Трајко Велјановски, и покрај тоа што на комисијата 4 пратеници од СДСМ, гласаа „за“, а 4 пратеници од ВМРО ДПМНЕ „против“.
„Извештајот од седницата на Комисијата е поднесен во собраниските служби и соодветно архивиран со што се исполнети условите предвидени во чл.53 ст.5 од Деловникот на Собранието за одржувањето на комисиската седница.
Согласно чл.54 ст.1 врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот (до недела на полноќ), одлучува по барањето (а не по ставот на комисијата)“ вели Богоевски.
Тоа значи дека се исполнети сите услови за Претседателот на Собранието да закаже пленарна седница во предвидениот рок. Немањето став на Комисијата, во никој случај не значи дека Собранието не треба да расправа по барањето од Судот.
Богоевски потврдува дека на пратеникот од ДУИ Агим Шакири му се слошило и тој морал да ја напушти работата на комисијата. Но не е јасно зошто не дошла неговата заменичка.
Богоевски очекува Претседателот на Собранието да ја исполни својата должност и да закаже седница во предвидениот рок, до денеска на полноќ.Трајко Велјановски е осомничен дека како претседател на Собранието бил меѓу организаторите за упадот во Собранието на 27 април.
Пратениците не гласаа ниту за имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување и дека заедно со уште тројца други министри го оштетиле Буџетото од над 1,4 милиони евра.
На 2 март Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања со 5 гласови за и 4 против гласаше да му се одземе имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски.
На 4 март, претседателот на Собранието ја закажа седницата за одземање на имунитетот, но по говорот на Павле Богоевски седницата по оваа точка беше прекината, со образложение дека не се присутни мнозинството пратеници.
Од тогаш поминаа 3 недели, а претседателот на Собранието се уште не закажа продолжение на седницата за одземање на иумнитетот на пратеникот.