Министерот за правда во изјава за НОВА зборува за клучните приоритети во неговиот ресор.
НОВА: Што е прва работа која треба да се направи во правосудниот систем?
Маричиќ: Во изминатите три години поставивме цврсти основи на кои во идниот мандат ќе можеме да го надоградуваме системот на правдата. Во правосудството се потребни брзи и одлучни чекори за отстранување на корумпираното ткиво. Моја задача е да обезбедам услови за брза и ефикасна правда, а со тоа и враќање на довербата на граѓаните во институциите. Законите донесени во изминатите три години се цврсти основи за градење на независен правосуден систем. Она што е клучен процес во областа правда е прочистување на судиите и обвинителите во соработка со Судскиот совет, Советот на Јавни обвинители и ДКСК кои ќе започнат постапка за проверка на судиите и обвинителите. Граѓаните очекуваат транспарентност отчетност и ефикасност од системот на правда и тоа ќе го обезбедиме. Сите очекуваме дека ќе има брза и ефикасна правна разрешница на сите предмети на СЈО и бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата. Само така ќе се врати довербата во системот. Конечно, пред нас е период во кој ќе бидат отворени преговорите со ЕУ каде поглавјето 23 и други теми од ресорот правда ќе бидат прв приоритет. Наша задача ќе биде да обезбедиме успешен и ефикасен тек на преговорите за трансформација на нашиот систем и тоа да донесе брзи видливи резултати.
НОВА: Ќе има ли и во овој пат повторно кочници за правдата?
Маричиќ: Владеењето на правото и правната држава се ‘рбетот на секое демократско општество. Исто така, постојат различни чинители со свои интереси кои досега правеа се’ да ја спречат или успорат правдата. Некои од нив од политички, други од бизнис или други интереси, но штетите по граѓаните беа огромни. Борбата за ефикасен и правичен систем на правдата е заедничка борба на целото општество. Затоа Владата и Министерството за правда ќе подадат рака партнерски кон сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните. Тоа е гаранција дека сите пречки ќе ги совладуваме успешно.