Фондацијата Отворено општество – Македонија со низа регионални и меѓународни настани на теми од општествено значење, организација на изложба и со промоција на документарен филм и монографија, ќе ја одбележи 25 годишнината од своето постоење во Македонија.
Одбележувањето на 25 годишнината на ФООМ започна вчера со промоција на документарен филм за Фондацијата и мултимедијална изложба со кои ќе се претстави нејзината работа и постигнувања во изминатиот период.
Во текот на месец мај ќе се организираат повеќе конференции на кои учесници од Македонија и странство ќе дискутираат за значајни теми како што се влезот на Македонија во ЕУ, правното зајакнување, здравјето на Ромите, слободата и интернетот, младите и отвореното општество, образовните реформи, моќта на уметноста и културата за социјални промени, како и за иднината и перспективите на отвореното општество во Македонија. Најголемиот дел од настаните се организирани во соработка со други граѓански организации кои се воедно и долгогодишни партнери на ФООМ како Евротинк, Коалиција Маргини, Фондацијата Метаморфозис и Младинскиот образовен форум. Дел од одбележувањето на јубилејот ќе биде и изложбата за креативен активизам организирана во соработка со Центарот за современи уметности.

