Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел од Брисел порача дека е загрижен за тоа што се случува на Балканот, дека во регионот има борба на наративите и дека е смешно да се гледаат билборди на благодарност кон Кина на улиците на Белград, а да ги нема кога станува збор за Европската унија.
Борел ова го изјави на состанокот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, на кој денеска покрај за Балканот се зборуваше и за другите напори на ЕУ за борба против коронавирусите.
„Сите се загрижени за Балканот. Има борба на наративите. Ако може да отидете во Белград, би можеле да видите билборд со слика на кинескиот претседател Си Џи Пинг, во кој се вели: „Благодарам брат Си, само ти ни помагаш”, што е смешно, никогаш не сме виделе билборд со кој ни се заблагодарува нам. Така, тогаш кинеската помош се наоѓа на улиците, а кога ние помагаме пред и за време на кризата, тогаш ништо, затоа треба да го зајакнеме нашиот капацитет за да ја објасниме нашата стабилизирачка улога на Балканот“, рече Борел на заедничка онлајн седница на неколку комисии на ЕП.
Тој, исто така, зборуваше за општата соработка со Западен Балкан, велејќи дека се очекува да се зголеми бројот на заразени и починати во регионот.
„Пакетот вреден 410 милиони евра е реалоциран за да му помогне на регионот, 38 милиони евра за итна помош и останатите 372 милиони евра за подоцнежно социо-економско закрепнување. Таа поддршка е веќе на теренот каде што работиме заедно со агенциите на ООН. Ние, исто така, го вклучуваме Западен Балкан во иницијативи на ЕУ каде што е можно. На пример, Фондот за солидарност на ЕУ и набавка на медицинска опрема. Земјите од Западен Балкан се дел од овој голем процес на набавка на медицинска и друга опрема што ни дава побрз и поевтин одговор на потребите што ги имаат во оваа област“, рече Борел.
Европскиот министер за надворешни работи исто така рече дека Западен Балкан е вклучен во шемата за извоз на заштитна опрема, затоа Комисијата минатата недела направи нов предлог што создава можност да се исклучи регионот од забраната.
Тој конкретно се осврна и на темата дијалог меѓу Белград и Приштина. Балканот нема да биде стабилен без јасна европска перспектива.
„Можеме да предлагаме решенија, но не можеме да ја завршиме нивната работа. Мора да бидеме тука, да ги охрабриме, да сугерираме, но разликите само тие може да ги решат. Имаме искусен дипломат кој ќе биде посветен само на ова полно работно време и ќе биде во контакт со страните, во исто време со ООН и САД кои имаат силно присуство и тоа ќе биде голема помош. Јас не можам да посветам толку многу време на тоа. Г-дин Лајчак започна со работа минатата недела и е во контакт со властите на двете држави, таксите се укинати и тоа е добра вест. Лајчак создава свој тим и ајде да му дадеме време да се подготви. Имаме самит меѓу двете страни ЕУ и Западен Балкан и тоа ќе се случи во вистинско време и на него сакаме да кажаеме дека сме потребни едни на други, дека тие земји имаат добра перспектива“, истакнува Борел.