„Не сакам ни да помислам дека може да дојде до тоа – јас да кренам рака против Македонија е недозволиво“ одговори премиерот на Бугарија Бојко Борисов на прашањето дали Бугарија може во октомври да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Ако дотаму стигне работата ќе ни се смее цела Европска унија. Ова прашање е понижување за двете земји – ако јас речам да и мојот колега ќе рече – ако ни ставате такви услови и ние ќе бидеме против“ рече Борисов на заедничката прес конференција со премиерот Заев.
Борисов е во посета на земјава на двегодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу двете земји. Тој неколкупати повтори дека Бугарија и тој лично го вложиле целиот свој авторитет изминатите години за евроинтеграциите на Македонија.
„Зоран е сведок како јас сум се борел со Франција и Германија и ние да дозволиме Македонија да биде блокирана не сакам ни да помислам“ рече Борисов.
Борисов побара од комисите на двете земји да работат секојдневно и до октомври да постигнат компромис за Гоце Делчев.
„Јас имам лимит и до знам до каде можам да одам за да не ме обвинат дека сум ја предал историјата. Комисите мора да најдат решение до октомври. Мора да се постигне компромис“ рече Борисoв.
И премиерот Заев очекува комисите да постигнат компромис.
„Ги охрабруваме двете комисии, решивме четири историски личности кои заеднички ги чествуваме. Верувам дека ќе се најде решение и за херојот Гоце Делчев, тој е личност и херој кој нѐ поврзува. Делата на Делчев може само да нѐ поврзуваат и во чест на тоа денеска заедно со Борисов ќе се поклониме на неговиот гроб – порача Заев.
Премиерот посочи оти веќе има ефекти од Договорот, а Европа го препознала ентузијазмот, па затоа догодина Македонија и Бугарија ќе ко-претседаваат со Берлинскиот процес.
Во двете години, рече Заев, се влезени 35 милиони евра инвестиции, но и наши компании инвестираат во Бугарија.
Борисов и Заев заедно се поклонија на гробот на Гоце Делчев.