Формирање на влада по секоја цена е најлошата опција. Според поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов таа би се распаднала по само еден месец.
Тој нагласи дека би формирал коалициска влада само доколку во неа постои поделена одговорност со министрите, бидејќи во спротивно би било бессмислено да се коалицира со други партии.
– Со 84 пратеници не можеме да формираме малцинска влада. За жал дури и со реформистите пак би имале малцинска влада. Претстојат тешки одлуки и времиња и многу е тешко да се управува без мнозинство, изјави Борисов, нагласувајќи дека доколку не биде постигнат договор за формирање на стабилна коалициска влада, Бугарија ќе мора да оди на нови избори.
Лидерот на партијата ГЕРБ, која победи на вонредните парламентарни избори во Бугарија, во однос на информациите околу можноста Димитар Николов да ја предводи идната коалициска влада, вели ГЕРБ има најмалку 15 до 20 луѓе кои би можеле да бидат премиери, но нагласи дека претседателот на владата „треба да има и политичка одговорност“.
– Димитар Николов ја има целата моја почит, доверба и поддршка и затоа и е потпретседател на ГЕРБ, изјави Борисов.
Тој посочи дека не сака да учествува во заскулисни игри и нагласи дека ГЕРБ е подготвена да преговара со сите парламентарни партии.