Легендарниот британски пејач Дејвид Боуви тајно е кремиран во Њујорк, а на чинот не присуствувал никој од членовите на неговото семејство, ниту од неговите пријатели, објавуваат денеска британските медиуми.
Ова за британски Мирор го потврдил пријател на Боуви од Њујорк, каде музичарот живееше последниве 22 години.
Боуви почина на 10 јануари годинава, по 18 месечна битка со карцином на црниот дроб.
Како што пишуваат медиумите, Боуви инсистирал дека не сака да биде погребан и побарал од најблиските да замине „без никаква гужва“ и без јавна комеморација.
Сепак, неговите колеги планираат на 31 март во Карнеги Хол во Њујорк да одржат концерт во негова чест. Концертот е планиран уште пред неговата смрт, а организаторите одлучија да не го откажуваат, а хитовите на Боуви ќе ги пејат неговите колеги.
Картите се пуштени во продажба на денот на неговата смрт и веднаш се распродадени.
На ова место во септември 1972 година Боуви дебитираше во рамките на својата прва американска турнеја.