Во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април ВМРО-ДПМНЕ најави дека ке го ревидира Преспанскиот договор доколку освои двотретинско мнозинство во парламентот. Во тој став САД препознаваат заведување на граѓаните. Амбасадорката Кејт Брнс во вчерашното интервју за Сител нагласи дека Преспанскиот договор има клучен придонес за остварување на стратегиските цели. Таа порача дека граѓаните не треба да бидат збунети или заведени за тоа колкав е влогот во тој процес.
„Важно е да не се заборави дека добрососедските односи се предуслов за интеграција и членство во ЕУ и во НАТО. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни. Но, она што Преспа го направи е што конечно го откочи патот за Северна Македонија да стане НАТО-сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Но, уште поважно, и помогна на Северна Македонија да се придвижи напред од позиција на стагнација каде не можеше да се развива политички, економски со иста брзина како многу од своите соседи, во смисла на ЕУ-интеграцијата. Затоа мислам дека е многу важно да се има на ум дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржувањето добри односи со соседите како дел од изгледите на Северна Македонија за ЕУ, туку навистина се работи за иднината на оваа земја, за тоа дали лидерите ќе можат да обезбедат таков економски раст и можности, работни места, трговија, странски инвестиции, какви што би сакале да се реализираат. Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација која се случува. Дури и магазинот ,Економист’ на крајот на годината ја издвои Северна Македонија како најтрансформирана земја во 2019 година, главно поради решавањето на отворените прашања со соседите. Да се заштити таа трансформација, да се продолжи движење напред и да не се загрозат сите овие достигнувања со гледање наназад е нешто што се надеваме дека луѓето ќе го сфатат многу сериозно“, вели Брнс.
САД очекуваат датум за преговори со ЕУ
Неуспехот да се добие датум за преговори во октомври минатата година беше дочекан со големо разочарување во земјава. И САД изразија несогласување со оваа одлука на ЕУ. Последниов период повторно се испраќаат сигнали од важни европски адреси дека е можно да се добие датум до мај, пред Самитот на ЕУ-Западен Балкан.
„ЕУ минатата есен посочи дека интеграцијата на Западен Балкан останува нивна стратешка цел. Истото важи и за нас. Впрочем и ние бевме длабоко разочарани, што во Октомври ЕУ не беше во можност да донесе позитивна одлука. Охрабрени сме што во изминативе недели видовме повеќе позитивни изјави од ЕУ лидерите и од престолнините на ЕУ за значењето на Северна Македонија, за перспективите на нејзината интеграција, за можностите да отвори преговори и се надеваме дека следните недели и мецеси, дури и до март, ке има позитивен сигнал“, вели Брнс.
Секако, има и работи, додава таа, кои Северна Македонија може да ги направи за и таа да испрати позитивен сигнал. Тоа значи продолжување на реформите, фер избори, одржување на добрите добрососедски односи, борбата со корупцијата, законот за Јавно обвинителство.
„Огромно е значењето на донесувањето на законот, особено за владеењето на правото, за транспарентност, за одговорност. Ја истакнуваме и важноста на тоа случаите на СЈО да продолжат на кредибилен начин во Јавното обвинителство. Така ќе се создаде доверба кај граѓаните и ќе се потврди дека поединци кои извршуваат високи функции ќе сносат одговорност за какви било злоупотреби. Ги поттикнуваме сите политички лидери да седнат заедно, да ги надминат разликите, да ги стават настрана партиските интереси и да го донесат законот пред распуштањето на парламентот“, рече Брнс.
Корупцијата број еден препрека за иднината на земјата
Борбата против корупцијта, според Брнс, е икслучително битна. Корупцијата, нагласува таа, е број еден препрека за иднината на земјата, за нејзиниот развој. Македонија падна за 13. места на Индексот за перцепција на корупција на Транспаренси Интернешнл. Брнс напоменува дека дека Индексот на перцепција ја мери само перцепцијата за корупција, а не самата корупција и тоа, според неа, е важно да се каже.
„Мислам дека е многу важно да се препознае дека независно дали се работи за корупција на високо ниво во форма на поткуп на високи службеници или за ситна корупција која граѓаните ја чувствуваат на дневна основа, кога чувствуваат дека треба да платат за да го запишат детето на училиште или за да добијат работа или фер третман во болница, сите овие форми на корупција ја изобличуваат економската ситуација и креираат недоверба во општеството“, порача Брнс.
Затоа, според неа, неопходно е сите партии, властите на сите нивоа и целото општество да се обединат и да се поттикне сеопфатна акција за справување со корупцијата.
Во однос на претстојните избори, САД очекуваат непречена транзиција кон нова Влада, која ќе остане посветена на спроведување на реформите кои ќе ја придвижат земјата напред на својот пат кон евроатлантските интеграции.
„Лидерите и кандидатите треба да се фокусираат на проблемите, а не лично да се напаѓаат. Да овозможат простор за добра дискусија и дебата и да не дадат можност на надворешни и други внатрешни влијанија кои ќе сакаат да го попречат и оцрнат демократскиот процес, или на друг начин да се замешаат во изборите“, вели Брнс, која е импресионирана од талентот на младите луѓе во земјава.
Тие, како што додаде, имаат визија и ставови кои не се плашат гласно да ги кажат.