Владо Бучковски и Стевче Јакимовски формираат одделни партии и покрај првичните најави за обединување.
Како што изјави Љупчо Зиков за НОВА, Бучковски е еден од иницијаторите на Движењето Граѓани за позитивна Македонија, заедно со Минчо Јорданов и Зиков. Се уште лидерската позиција не е дефинирана, со оглед на фактот што одлуката ќе биде донесена на Конгресот на ова Движење. Што се однесува до Јакиковски, Зиков вели дека со Јакимовски не било разговарано за влез во нивното Движење и оттука, имаат сосема различни планови.
Се најавува дека ќе прерасне во партија ако во скоро време се донесе одлука за предвремени парламентарни избори, а формирањето е во мај или јуни, кога и ќе се обзнанат и останатите членови со кои сега се преговара: 40-тина проминентни интелектуалци, уметници, бизнисмени и спортисти од сите политички провиниенции, а акцентот е на јавни личности кои до сега не се бавеле со политика.
Се работи за движење со лева центристичка позиција, сосема различно од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во смисол на култивирана, граѓанска опција, вели Зиков.
Тој најавува дека ќе се повлече од функцијата главен и одговорен уредник од групацијата Капитал во оној момент кога ќе дојде до формирање на движењето.