Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ смета дека инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија – Албанија е осмислена и однапред испланирана политичка провокација, пренесува Танјуг.
Според него Србија не сноси никаква одговорност за прекинот на натпреварот.
„Ова никогаш не се случило на еден фудбалски натпревар и однапред е подготвено. За мене е централно прашање како би реагирале Европската унија и УЕФА, доколку некој од Србија развиори знаме на „Голема Србија“ во Тирана или Приштина, и тоа веднаш би било на дневен ред на Советот за безбедност на Обединетите нации. Во овој инцидент особено е спорен фактот што ова беше направено од премиерот на Албанија, кој тука треба да ни биде гостин. Сè ова става една политичка димензија на цел случај и ова е политичка провокација“, изјави Дачиќ за српски Блиц.
Тој додал дека и за време на вчерашниот ден, дипломатите од ЕУ вршеле притисок до српските органи за да ги пуштат албанските навивачи на стадион, иако немале билети.
Братот на албанскиот премиер Еди Рама, Олси Рама, за кого се смета дека е организатор на инцидентот, по натпреварот најпрво беше задржан а потоа ослободен од српските власти.
Инцидентот се случува во време коа се навестува подобрување на односите меѓу Србија и Албанија, а во пресрет за најавената посета на албанскиот премиер Рама на Белград на 22-ри октомври, што би била прва посета на албански премиер на Србија во последните 70 години.