Претставниците на српскиот и албанскиот Кокус во Конгресот на САД упатиле писмо до Нобеловиот комитет во кое ги номинираат српскиот премиер Ивица Дачиќ, косовскиот премиер Хашим Тачи и високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон за Нобеловата награда за мир за 2014 година, поради нивната клучна улога во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, пренесува Танјуг.
„Априлскиот договор, постигнат со посредувањето на Кетрин Ештон претставува клучен и историски пресврт за Србија и за Косово – како и за турбулентниот регион на Балканот во целина“, се вели во писмото кое го упатиле копретседавачите на српскиот Кокус, Тед По и Емануел Клевер, заедно со лидерите на албанскиот Кокус во Конгресот, Елиот Енгел и Робер Адерхолт.
Во објаснувањето се наведува дека двајцата премиери јасно расчистиле со минатото и покажале значителна посветеност, храброст и визија кон пронаоѓањето на пат кон светлата иднина, а Кетрин Ештон исто така демонстрирала извонредно лидерство.