ПИШУВА Нано Ружин

Храброста е скриена доблест во политичкиот живот. Наспроти стереотипот за политичарите како кукавици и манипуланти, политичарите кои ја маркирале историјата и нивната епоха биле одговорни, но се наметнале и со својата храброст.., пишува познатиот француски политиколог Ален Дуамел. Храброста е еден од атрибутите на државниците. Кога се зборува за храброста експертите разликуваат неколку видови храброст: физичка, идеолошка, психолошка и политичка. Во историјата познати се храброста на еден Јосип Броз, Че Гевара, Мао Цетунг, Хо Ши Мин, Ганди, на еден Черчил кој во најголемите бомбардирања шетал низ улиците на Лондон, на еден Де Гол кој за време на мисата во Нотр Дам останал да стои додека целото негово опкружување, вклучувајки го и обезбедувањето, се фрлило на подот од снајперските закани. Генералот преживеал и десетина атентати, но никогаш не ја наведнал главата. И самиот сметал дека „ паметните луѓе ретко се храбри, а храбрите луѓе се ретко паметни“. Дали таквата храброст се граничи со налудничавост..? се прашува Мануел Сервера Марзал.

Во нашата триесетгодишна историја Зоран Заев е без конкуренција најхрабриот политичар во Македонија, а можеби и на Балканот. „ Неговата храброст оди до лудост која создава контрапродуктивни ефекти..“ истакнува еден познат новинар. Во досегашниот политички бекграунд, тој покажа и физичка и психолошка и политичка храброст. Како градоначалник на Струмица храбро им одолеваше на сите предизвици и лажни напади на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, која се обиде да го затвори. Во 2016, без нималку страв и комплекси, ги објави бројните фајлови од прислушуваните разговори, чин  кој не се осмелија да го направат неговите повозрасни сопартијци. На 27 април  2017 за време на упадот на толпата од провмровската „За заедничка Македонија“ физички го нападнаа и раскрвавија со умисла за негова физичка елиминација. И тогаш не покажа страв, туку одважност и храброст а неговата раскрвавена глава прошета низ светските информативни агенции. Неодамна, грчките  и домашните медиуми открија дека биле планирани  неколку атентати врз луцидниот Заев. Иако физички загрозен, свесен на опасностите кога патувал помеѓу Струмица и Скопје, се движел по споредни патишта, преспивал по разни места, се хранел како илегалец кај пријатели и сопартијци, со цел да се зашти од оние кои му ја фрлиле смртоносната фатва.

Во 2018 следеше уште еден храбар потег, а тоа беше потпишувањето на Преспанскиот договор, со ризик да не успее ниту со референдумот, ниту  со неопходното двотретинско мнозинство за изгласување на спогодбата. Следеше и промената на уставното име, што предизвика лавина оспорувања од страна на македонските националисти. Кога во октомври 2019  францускиот претседател Макрон го образложуваше ветото за почетокот на преговори со С. Македонија и Албанија, и ја доведе во прашање потребата од проширување на ЕУ како концепт, разочараниот Заев, и покрај ослабените позиции распиша предвремени парламентарни избори. Аналитичарот Антони Белажер во еден текст со наслов  „Черчиловата судбина на Северна Македонија“ отпечатен во Franceinter, Зоран Заев го нарече „Балкански Черчил“

Иако постојат извесни сомнежи, немаме сознанија дали Софија намерно или под патронат на некоја друга посилна членка на ЕУ го употреби правото на вето, во декември 2020, на Заев мора да му се признае дека до последниот момент се надеваше на успех. Интервјуто кое го даде пред Самитот во Софија (25.11.2020) за бугарската Агенција БГНЕС, дури и новинарите кои му се блиски го оквалификуваа како „непромислен чин“, „пукање во сопствената нога“.  Заев изјави дека „во одредени периоди Бугарија и Северна Македонија имале заедничка историја“ што ги дигна на нозе нашите историчари. Меѓутоа, за Французите, Германците и Шпанците „заедничката историја“ е  сосема разбирлива конотација, особено кога се потсетуваат на Карло V или Шарлемањ. За Гоце Делчев истакна дека бил  „и македонски и бугарски револуционер, кој се борел за слободата на Македонија и Одринско“. За едно од најчуствителните прашања за улогата на Бугарија во Втората светска војна, лекција за која со генерации ја повторувавме  дека „Бугарија е нашиот најголем историјски непријател“, истакна дека „Бугарија не е фашистичка земја, ниту наш непријател“.  Зборувајки за јазичните препукувања, Струмичанецот кажа дека „луѓето од Петрич и Струмица зборуваат ист јазик..“. Веројатно нашиот конзервативен менталитет не е свикнат на такви остри резови во традицијата, но и овој потег е храбар, со оглед на противењата на јавното мислење кое може да го допира политичкиот рејтинг на премиерот. За Мишел Фуко, тоа би бил типичен пример за парезија, додека Хана Аренд позициите на Заев би ги оквалификувала како „политички хероизам“ кој расчистува со стереотипите.

На 22 септември 2021 Заев повторно ги разгневи духовите кога најави дека во учебниците и спомениците ќе се одстрани придавката „бугарски“ од синтагмата „ бугарски фашистички окупатор“, бидејки тоа е во „духот на пријателството“. Во иднина наместо бугарски фашисти, ќе стои само именката  „фашисти“. Разбирливо  Заев е во право кога истакнува дека „фашизмот нема етнички димензији“. Да бидеме искрени големи злосторства чинеа и домашните предавници, а исто како што во Германија сите Германци не беа нацисти, и во Бугарија сите Бугари не беа фашисти. Впрочем, во најголемиот број западно-европски држави учеснички во Втората светска војна, не се употребува изразот „германски нацисти“, „италијански фашисти“, туку само „нацисти“ или „фашисти“. Голем број експерти, дури и постари членови на СДСМ, не можеа да се помират со таквата изјава. Мнозинството критичари на Заев се повикуваа на констатацијата дека „ историските факти покажувале дека на територијата на денешна Северна Македонија имало бугарски фашистички окупатор“. „ Ние во името на жртвите од борбата против фашизмот не смееме да го прифатиме особено не како услов за членство во ЕУ“, истакна поранешен висок функционер на СДСМ. Но толкувањата дека хероизмот треба да се сфати според синтагмата „хероизмот е храброста кога повеќе се посакува смртта отколу сервилноста“ е веќе минато. Саможртвувањата од овој тип асоцираат и на нашите Гемиџии, и на нашите национални херои, и, конечно и на големиот револуционер Емилијано Запата:„ подобро да умрам на нозе, отколку да живеам на колена..“. Меѓутоа така се размислуваше во минатиот век. Впрочем и денес постојат бомбаши самоубијци водени од својата џихадистичка заслепеност..?

И поранешниот претседател Бранко Црвенковски неодамна на индиректен начин ја искритикува „своеглавоста“ на Заев од говорницата на МАНУ.„Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален  идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“.

На кој начин може да се објасни храброста на Заев и како да се поими неговиот отворен дискурс за табу-темите ? Пред се како политичар, тој е воден од личните амбиции и историски визии во кои се впишува во неговиот амблематичен и немирен дух. Решен е да ги реализира двете големи стратешки определби на генерацијата Глигоров-Андов-Кљусев, како и на оние по нив, а тоа се евро-атланските интеграции. Патот поминуваше преку грчката и бугарската пречка. Грчката пречка ја реши и се здобивме со членство во Алијансата. На пат е да ја реши и бугарската пречка. Постојат сознанија дека прашањето со Бугарија ќе биде решено и тоа најверојатно во периодот по праламентарните избор во Бугарија, кога сеуште ке биде на власт преодната влада. Претседателот Радев и самиот истакна дека „Бугарија е изолирана држава и под притисок  на ЕУ  и на САД заради блокирањето на Северна Македонија“. Разбирливо не постои политичка личност која не е способна да носи свесни одлуки кои често се  покажуваат спротивни со позициите на јавното мислење, со неговиот политички интерес и популарност. Заев е свесен дека во одредени моменти мора да игра храбро за да ја реализира поголемата слика, отпочнување на преговорите со ЕУ. Храброста е прашање на карактерот и големината на лидерот, но и храброста неможе да биде долготрајна и без последици. Историјата ќе ја породи правдата и правичноста и можеби ќе му даде право на Заев, но единственото, а можеби и најзначајното прашање е : во кој момент ќе се манифестира вистината?. Тој е свесен дека ризикува исто како и многу негови претходници во историјата. На пример, кардиналот Ришеље, творецот на легендарната теза за „Државниот разлог“, во свое време играл на картата на „маратонската храброст“ и потезите со кои предизвикал судири меѓу протестантите и католиците во германските провинции на Папската држава биле храбри, но и ризични.. Сепак успеал да ги одврати Шпанскиот крал и Папата да ја нападнат Франција. Франција станала уште помоќна и побогата, но можел и да загуби, доколку Папската држава и Шпанскиот крал биле поостроумни од луцидниот кардинал. Ганди покажа храброст со методот на ненасилството (satyagraha) која денеска ја ценат сите добронамерни луѓе.  Храброста на историските ликови соодвествува со специфичните настани, цели, епохални моментуми. Денес Британците, Французите, Индијците ја слават храброста на Черчил, Де Гол, Ганди, но во нивно време народот не ги сакал доволно. Некои ги изгубиле изборите (Черчил и Де Гол),  некои биле убиени( Ганди), а за некои сеуште постои носталгија дека заминале (Тито, Селасие, Насер). Конечно, да не заборавиме и на хероизмите на оние без-име, за кои кога Орвел војувал во шпанската граѓанска војна, инаку под неговото вистинско име Ерик Блер, ги опишал како „безимени херои“ кои умреле за слободата и комунистичките убедувања.