Претседателката на Судскиот совет – највисоко тело во судската власт, поднесе оставка. Причините кои ги наведува се во најмала рака неразбирливи. Вели дека не била по ќеф на некоја, според неа, судско-бизнис елита.
А очекувавме да каже дека поднесува оставка по епизодата со списокот на имиња за членови на Управен одбор и на комисиите за приемен и завршен испит на Академијата за судии и обвинители, кои членовите на Судскиот совет не сакале да ги изгласаат, односно предложиле и нивни кандидати бидејќи имале право на тоа.
Со политички жаргон, претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, го изгубила мнозинството во Судскиот совет.
Но за таа непријатна епизода, нема ниту збор во нејзината оставка.
„Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството“, вели Црвенковска.
Кои се тие процеси што се од „клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирање на судството“, таа не кажува. Останува да претпоставуваме. Како и да го претпостауваме одговорот на прашањето дали само од Црвенковска треба да црвенее судството?
Единственото име кое го спомнува во оставката е судијата Зоран Герасимоски, новоизбран член на Судскиот совет кој бил во групата на судии во Советот кои се спротивставиле на листата за членови на највисоките тела на Академијата за судии и обвинители.
Некој ќе рече дека како дошла на функцијата Црвенковска, така и си заминува. Експресно. Нејзината биографија е интересн сплет на политички врски и стручен бекграунд. Името првпат и станува познато во 2000 година кога станува раководителка на сектор во Министерството за одбрана. Тоа е времето кога Владо Бучковски доаѓа за министер за одбрана, и таа останува на тоа место додека е тој министер. По неговото заминување на премиерската функција во 2004 година, и таа се сели во владата како државен советник. По паѓањето на СДСМ од власт во 2006 година, Црвенковска станува советник во Апелацискиот суд каде се задржува 14 години, односно во 2020 станува член на Судскиот совет а четири месеци подоцна веќе седнува на тронот – претседателка на Судскиот совет. По година и седум месеци, односно, денес, таа доброволно или под притисок ја напушти функцијата – што е рекорд по краткотрајност на задржувањето на такво високо место.
Некои тврдат дека оставката е изнудена и дека има врска со најавите на американската амбасадорка Анџела Агелер дека ќе поработи на намалувањето на корупцијата во Македонија, и на враќање на угледот на правосудството, меѓутоа, такви заложби искажуваа речиси сите американски амбасадори, и несомнено се обидувале да вршат влијанија, но не секогаш со успех.
Оттука, повеќе држи теоријата дека нешто покрупно се случува во правосудството и дека експресното дистанцирање на високи судски функционери како Црвенковска е поврзано со внатрешни фракции. Особено што таа во својата оставка го споменува судијата Зоран Герасимоски, чија кариера исто така доживеа процут во последните неколку години.
Оставката на Црвенковска се совпадна и со последниот скандал врзан за Академијата за судии и обвинители, со полагањето на правосуден испит на околу 449 правници пред да ги исполнат условите за тоа.
Но, случајот датира од 2015 година, а клопчето почна да се размотува кога Државната комисија за спречување на корупција, откри дека синот на шефот на парламентот, Талат Џафери, бил меѓу тие среќници. Или, тие биле среќниците што покрај синот на Џафери, успеале и тие да ја добијат таа привилегија. Интересно е што во тоа време министер за правда бил Аднан Јашари од ДУИ кој според одредени толкувања имал дискреционо право да дозволи на кандидат да полага правосуден испит со завршено тригодишно образование на високообразовна установа, наместо со петгодишно. Тоа е исто така и време кога почна падот на ВМРО-ДПМНЕ од власт со кого партијата на Талат Џафери и на министерот Јашари беше во коалиција, и постоеше неизвесност каква ќе биде политичката судбина на ДУИ односно нивната.
Идниот месец, синот на Талат Џафери ќе стане судија или обвинител, бидејќи без проблем беше примен и во Академијата за судии и обвинители каде обуката му трае до декември 2022 година. Нема податоци колкумина од овие 449 среќници сега се судии и обвинители на кои кариерата несомнено им почнала на криминален начин.
Така вторпат доаѓаме до прашањето дали само поради Црвенковска треба да црвенее судството?
Академијата за судии и обвинители е за жал институција околу која постојано се плетат афери. Во судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, се откри дека во еден од неговите компјутери имало софтвер кој водел до прашањата од приемниот испит за Академијата каде се обучуваат идните судии и обвинители. Не е тајна дека поголем дел од примените слушатели на Академијата се деца и роднини на судско-обвинителската и политичка елита во државата. Тоа понатаму се развива во судско-обвинителски бастиони чии одлуки доведоа до тоа само 8 проценти од граѓаните да имаат доверба во судството.
Изборот, пак, на главниот обвинител за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, влезе во аналите на партизирани процедури во една од најчувствителните области – обвинителството и гонењето на корупцијата.
Кон мрачните состојби во судството придонесе и минатонеделното укинување на затворската казна на поранешната сива еминенција на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков, за случајот „Трезор“. Колку е јавноста незадоволна од судството покажува и фактот што правните анализи па и можни недоследности на комплексните судски процеси како „Трезор“ секогаш остануваа во сенка на јавните оцени дека судството е корумпирано и затоа се укинуваат затворски казни на моќниците.
Некој на шега вели, после сите неправилности кои излегоа на виделина, кога сега би се мерела довербата во судството, нема да изнесува ни осум проценти.
С.Крамарска