Пишува Весна Радојевиќ, Раскрикување, Србија
Овие денови дури две даночни контроли „ги чешлаат документите“ на Јужне вести, аво последните пет години овој нишки портал, даночната инспекција го посетила три пати. Вработените во овој медиум се убедени дека честите контроли, кои во голема мера му пречат на нивното работење, се одмазда на локалните власт поради критичкото пишување. „Јасно е дека на прво место постои интерес да се утврди кој тоа нас, како и зошто не финансира, под велот на некоја теорија на заговор или предавство“, вели за Раскрикување, директорот на Јужне вести, Витомир Огњановиќ. Јужне вести, најчитаниот портал на југот на Србија, моментално е петти пат под темелна контрола на даночните инспектори, што го исцрпува работењето на менаџментот.
Овој портал, чии што новинари освојуваат награди за истражувачко новинарство, со години се соочува со проблеми поради критичкиот став кој го негува. Новинарите добивале закани и тужби, а уредникот бил следен и тајно сниман. Градовите на југот на Србија при доделувањето пари редовно ги заобиколуваат Јужне вести, а вршен е притисок на приватни фирми кои сакале да се огласуваат кај нив.
Најнапорно е тоа што мораат одново да се носат со даночни инспекции – како што вели за Раскрикување директорот, проект менаџер и главен уредник на Јужне вести. Веруваат дека се во прашање политички мотивирани контроли зад кои стојат луѓе од врвот на локалната власт во Ниш.
Злоупотребата на даночните органи за пресметка со медиумите може да биде нов тренд во Србија бидејќи повеќе медиуми се пожалија дека се соочиле со овие проблеми, што е наведено и во последниот извештај на Фридом хаус.
Анонимни пријави
Како што за Раскрикување сведочат од Јужне вести, даночните инспектори првпат дошле кај нив во 2013 година и дури осум месеци ја прегледувале финансиската документација.
Следната 2014, инспекцијата уште два пати го проверувала нивното работење. Инспекторите најпрво утврдувале дали во Јужне вести се користат легални софтвери, а потоа барале да им се објасни работниот однос со некои од нивните клиенти – компанија со која се бизнис партнери програмерската фирма Симплисити, која е сопственик на порталот.
– Инспекторите буквално секој ден ни доаѓаа, а ако не грешам, контролата заврши ден-два по парламентарните избориво 2014 – вели за Раскрнкување, Пеџа Блакојевиќ, главниот и одговорен уредник на Јужне вести.
Во ноември минатата година, следувал нов бран инспекции. Моментално две даночни инспекции паралелно проаѓаат низ финансиската документација на Јужне вести.
Даночните органи никогаш не откриле ниту еден проблем во работењето и Јужне вести досега не се казнети ни по еден основ. Меѓутоа овие чести и долги посети на државните органи во канцелариите на медиумот ги исцрпуваат вработените бидејќи покрај редовната работа, мораат да ги услужуваат и инспекторите, но и создаваат голем притисок во текот на работата.
– Имаме константен притисок нон стоп да размислуваме дали го имаме баш секој документ во минативе десет години, дали нешто ненамерно сме погрешиле – вели за Раскрикување, Витомир Огњановиќ, директор на Јужне вести. „Кога од начинот на кој се однесува инспекцијата, гледате дека дошла со предубедување дека сме виновни за нешто, фактичката состојба веќе не е фактичка бидејќи тие се трудат да ги поткрепат своите тврдења“.
– Ова ни одзема многу време и уште повеќе нерви. Комплетната администрација е во грч со месеци. Одговорајќи на барањата на даночниците, немаме време за ништо друго, едвај ги гледаме и семејствата. Полумртви сме – додава Драган Петковиќ, проект менаџер на Јужне вести.
Инспекторите кои сега ги проверуваат финансиите имаат најисцрпни барања.
– Претходните инспекции имаа прилично конкретни ставки и релативно кратки временски периоди кои беа предмет на контрола, додека оваа последна опфаќа период од настанокот на фирмата – вели Огњановиќ.
Како и кај претходните, формална причина за доаѓањето на последната инспекција се наводните анонимни пријави.
– Од извори дознаваме дека налогот за инспекција стигнал од Белград директно, што и да значи тоа – вели Огњановиќ.
Притисокот на даночните инспекции го трпат и деловните партнери
– Веќе посетиле еден добавувач, релативно мала фирма. Инспекција сега проверува кај нив што работеле за нас – вели Огњеновиќ. „Намерата е да се заплашат сите соработници, за на крај да немаме со кого да соработуваме“.
Во Јужне вести напоменуваат дека немаат ништо против контрола, но дека е јасно дека овие проверки немаат врска со одговорната даночна служба, туку се користени од државниот апарат за пресметка со медиумите кои не се во склад со нивниот вкус.
– Формално навистина имало анонимна пријава, но Ниш не е Њујорк, па брзо се дознава по чија пријава дошла инспекција. Тогаш предлагав извештајот од инспекцијата ние анонимно да го испратиме на тогашниот градоначалник на Ниш, Зоран Перишиќ – вели Благојевиќ, алудирајќи дека токму Перишиќ стои зад контролата која во Јуже вести дошла во 2014 година.
– Постои интерес да се утврди кој тоа нас, како и зошто не финансира, под велот на некои големи теории на заговор или предавство – вели Огњановиќ.
Душан Петковиќ, проект менаџер на Јужне вести, додава дека даночната инспекција не одговорила на нивните барања да дознаат дали се тие единствените или е проверувано работењето и на други нишки медиуми.
– Кога се ќе собереме со фактот дека градските власти на конкурсите на поголемите градови не сме добиле ни еден единствен денар, дека локалните функционери кои се закануваат на новинарите, обвинителството и судовите под многу спорни образложенија ги ослободуваат од одговорност, кога недвосмислено знаете дека безбедносните служби ве „обработуваат“, кога затоа што пишувате за некој локален функционер кој користи политичко влијание за да не плати украдена струја, ве нарекуваат странски платеник и домашен предавник, јасно едека имате комплетен државен апарат против вас – вели Петковиќ.
Даночна инспекција „по потреба“
Последните години имало повеќе случаеви кога даночните органи ги ставија под контрола токму медиумите кои известуваа критички за власта.
Така даночните органи во почетокот на септември 2017 година ненајавено го посетија неделникот „Врањски“. Како што тогаш наведе Вукашин Обрадовиќ, сопственик на весникот и некогашен претседател на НУНС, по интервјуто со поранешниот директор на Даночната управа во Врање, новинарите на таа редакција добиле неформални информации дека ќе ги посетат инспектори како би нашле недостатоци и би го компромитирале нивното работење.
Поради политички и економски притисоци на локалната власт, порталот и неделник Врањски е угасен во септември минатата година.
Додека траеше „војната“ помеѓу таблоидот Курир и Александар Вучиќ, околу 60 даночни инспектори го проверуваа работењето на фирмата „Адриа медиа“ која е издавач на Курир.
– Врв на се и очигледната злоупотреба на институциите од страна на режимот на Александар Вучиќ е последното решение на Даночната управа од 6 јули 2017, со кое сметките на АМГ се блокирани без никаков основ и во кој не се наведува колкав е износот на наводниот даночен долг ниту образложение – пишуваше тогаш Курир. „Двете решенија на компанијата АМГ ги добила во неделите кога на вработените се исплатува плата. Јасно е дека целта на ваквите незаконски даночни решенија, помеѓу другото, е и да се заплашат вработените во компанијата и обид за оневозможување на исплата на сработеното.“
Проблеми со даночната управа имал и критичкиот весник Кикиндерски кој поради грешка на даночната административна служба бил шест месеци блокиран во 2015 година. Три месеци не се печателе, што било доволно да изгубат и некои од огласувачите.
Во извештајот на Фридом хаус за оваа година се наведува дека во Србија е опаѓачки трендот на демократијата, а помеѓу другото и поради обидот да се ослабат критичките новинари, со произволни даночни истраги, ускратување на приходот од огласување и директни застрашувања, вклучувајќи и лични напади од провладините медиуми. Следење на уредникот на Јужне вести.
Освен честите даночни инспекции, новинарите на Јужне вести трпат и други видови на притисок. Ни по година дена откако главниот уредник Предраг Благојевиќ пријави во полиција дека непозната личност го снимала со камера во текот на деловен состанок истрагата не напредува.
– Во вечерните часови на 21 март 2017 година, Благојевиќ забележал дека во него некој вперил објектив на камера од непрописно паркиран „Голф 5“, со регистрација НИ 094 ЖЧ. И покрај сите познати податоци, фотографија од автомобилот и пријава во полиција, истрагата веќе година дена тапка во место – пишува Јужне вести.
Во Обвинителството велат дека не е познат сопственикот на автомобилот, ниту идентитетот на личноста со камерата, како и дека полицијата веќе осум месеци не испраќа никакви извештаи во врска со овој случај – иако обвинителството експлицитно навело дека се бара извештај „на секои недела дена“.
“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.

