„Сите сценарија се можни“, изјави претседателот на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24-ти декември Борче Давитковски за денешниот тек на работата на Комисијата во целосен состав.
Според него има одредени поместувања во работата на комисијата. Едночасовната пауза Давитковски ја искористи за дополнителни консултации во претставниците на ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ членови на комисијата.
Неофицијално се тврди дека придавките и формулациите, како „грубо“, „значително“, „големо“, „мало“, се причината поради која не може да ги усогласат своите ставови членовите на ад хок комисијата.
Претседателот на комисијата Борче Давитковски вчера пред новинарите, по одвоените средби со партиските членови на комисијата, изјави дека е оптимист и дека комисијата е блиску до решение. Тој се надева дека утре ќе бидат ставени и потписите на извештајот од страна на членовите на двете партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев во понеделникот се договорија во периодот што следува да се вложат сите напори за донесување конечно решение за извештајот на Комисијата.