Град Скопје денеска организира јавна дебата за изградбата на гасоводот на Водно на која градоначалникот Петре Шилегов покани претставници на надлежните државни органи, како и граѓански здруженија кои покажаа загриженост поради проектот.
Како што информираше Шилегов во петокот, сите градежни активности за изградба на гасоводот на Водно се прекинати до завршување на процесот на дијалог и дебата.
– Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот, изјави Шилегов.
Дебатата ќе се одржи во Советот на Град Скопје во 13 часот, а МИА директно ќе ја пренесува на својата веб страница www.mia.mk, на YouTube и на Facebook.