Денеска Комисијата треба да заседава во полн состав – со членовите од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, странскиот експерт Петер Ванхаусен и Борче Давитковски, претседател на Комисијата во оставка.
Неофицијално, извори вклучени во преговорите за НОВА велат дека тешко може да биде донесено било какво решение и дека скоро е невозможно, со оглед на спротивствените ставови за вината за 24 декември.
Претседателот во оставка Борче Давитковски вчера имаше средби со лидерите на најголемите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ а состанок имаа Радмила Шеќеринска и Мартин Протугер заедно со странскиот експерт.
Давидковски изјави дека сите сценарија се можни и изрази надеж дека ќе биде донесен извештајот.
Премиерот Никола Груевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е фокусирано на дијалогот за Комисијата да успее, додека СДСМ е фокусиран на порталите коишто ги контролира да пушта некои сплетки и манипулации.
Заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска пак рече дека секогаш кога државата се соочува со проблеми, ВМРО-ДПМНЕ бара виновници во другите.
Неофицијално се тврди дека придавките и формулациите, како „грубо“, „значително“, „големо“, „мало“, се причината поради која не може да ги усогласат своите ставови членовите на ад хок Комисијата.
Претседателот на комисијата Борче Давитковски пред два дена пред новинарите, по одвоените средби со партиските членови на комисијата, изјави дека е оптимист и дека комисијата е блиску до решение. Тој се надева дека утре ќе бидат ставени и потписите на извештајот од страна на членовите на двете партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев во понеделникот се договорија во периодот што следува да се вложат сите напори за донесување конечно решение за извештајот на Комисијата.