Денеска во 11 часот во киното Фросина редакција на дневниот весник „Фокус“ ќе одржи комеморација за Никола Младенов, основач на дневниот и неделниот весник „Фокус“.
Последен поздрав до новинарот и еден од доајените на македонското независно новинарство семејството, пријателите и колегите ќе можат да упатат во 13:30 часот во капелата на градските гробишта “Бутел”. Погребот ќе се одржи во 14:30 часот.
Сообраќајната несреќа во која трагично загина великанот на македонското новинарство Никола Младенов, се случила ноќта во вторникот, кај клучката кај скопската населба Хиподром, но МВР се уште не дава официјални податоци за деталите. Од страна на полицијата на новинарските екипи не им беше дозволен пристап до местото на несреќата.
Никола Младенов беше новинар, сопственик на дневниот и неделниот Фокус, еден од највлијателните и најпочитуваните новинари и поборник за слобода на медиумите и критичното новинарство. Младенов беше еден од најголемите критичари на работата на секоја власт.