Хрватскиот суд му изрече девет години затвор на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер за случајот „Фими Медиа“. Политичката партија ХДЗ и останатите обвинети се обвинети за извлекување на повеќе од 9 милиони евра од државни фирми и институции.
Освен казната затвор, Санадер ќе мора да ги врати и износите за кои се смета дека ги повлекол од државните фирми и институции.
Според пресудата, Санадер во аферата „Фими Медиа“ стекнал речиси 2 милиони евра, додека партијата ХДЗ стекнала над 3 милиони. Невенка Јурак, сопственичката на „Фими Медиа“ за себе задржала повеќе од 260.000 евра.
Во казната од девет години затвор, на Иво Санадер ќе му биде пресметано и време поминато во истражен затвор. Исто така, нему и на членовите на неговата фамилија ќе им биде одземен имотот стекнат преку делата за кои е осуден.
Освен парите на сметките на Иво и Мирјана Санадер, неговите ќерки Петра и Бруна, родителите на неговата сопруга, на поранешниот хрватски премиер ќе му бидат одземени и уметнички дела пронајдени во неговата куќа.
Исто така, од ХДЗ се одзема и противправно стекнатиот имот. Партијата ќе остане без 300.000 евра, а на државното конто ХДЗ треба да уплати додатни 2 милиони евра.
„Фими Медиа“, исто така останува без имотот стекнат за време на делата.