Претседателот на Собранието Талат Џафери му ја врати граѓанската иницијатива за собирање потписи за поништување на Законот за попис на населението на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како подносител на истата.
Во дописот од Џафери до Мицкоски се вели дека му ја враќа граѓанската иницијатива поради тоа што не е доставена до надлежниот орган Собрание на Република Северна Македонија.
Исто така се вели дека во правниот поредок на Републиката не постои Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша: “Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува.
На утрешната седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот.”