Мајкл Џексон знаеше да украде по некое парче, Битлси се најлошите музичари во историјата, Марлон Брандо имаше хомосексуални односи, спиев со Иванка Трамп, денешната поп музика е за никаде…
Ова се само дел од тврдењата на легендарниот музичар и продуцент Квинси Џоунс, кој во интервју за Vulture, зборува за повеќе аспекти од неговото живеење, творештвото со Мајкл Џексон и пикантерии од случки во кои бил директен сведок.
Според Џоунс, кој имаше многу блиска соработка со Џексон, Мајкл крадел музички парчиња за „Billie Jean“, а албумот „Thriller“ им донел многу пари и на двајцата.

„Мразам ова да го кажам јавно но Мајкл украде многу работи. На пример „State of Independence“ на Дона Самер и „Billie Jean“. Нотите не лажат. Тој беше Макијавели…Грег Филингејнс беше дел од ритамот на „Don’t stop till you get enough“ а Мајкл не му даде ниту еден долар за тоа“, вели Џоунс во интервјуто.
За рок музиката вели дека е бела верзија на ритам и блуз, а за Битлси вели, тие се најлошите музичари во историјата.
„Тие беа најлошите музичари во светот. Не свиреа копилињата. Пол (Макартни) беше најлошиот басист што сум го слушнал. А Ринго? Не сакам ни да зборувам за тоа. Се сеќавам дека еднаш бевме во студио со Џорџ Мартин и на Ринго му беа потребни три часа за една освновна работа. Не можеше да го фати ритамот. Му рековме „Другар оди најади се и напиј се нешто и врати се одморен“. Така и направи. Ние му се јавивме на Рони Верел, џез-тапанар. Тој за 15 минути го среди тоа. Ринго се врати и викна „Џорџ де пушти ми да слушнам уште еднаш“ и Џорџ секако го направи тоа, по што следеше реакција од Ринго „Ова не звучи толку лошо“, по што јас му вратив „Да бе копиле, затоа што не си ти на снимката“. Но добар човек беше“, раскажува Квинси Џоунс.
Понатаму тој го нарекува Доналд Трамп како будала со ограничен мозок и погрешен татко на Иванка Трамп, со која тврди дека се забавувал некое време.
Квинси Џоунс дополнува дека Опра Винфри не треба воопшто да се кандидира за претседател, дека Боно му е многу добар другар но ЈуТу повеќе не прави квалитетна музика, како и тоа дека Џими Хендрикс се плашел да се појави на неговите албуми.

Потоа во интервјуто, без влакна на јазикот споделува пикантерии од животот на Марлон Брандо со кој беа многу блиски пријатели.
„Брандо одеше на многу ча-ча свирки со нас. Можеше да игра до бескрај. Тој беше најшармантното копиле кое сум го запознал. Имаше секс со сешто. Сешто! Можеше и со поштенско сандаче, Џејмс Болдвин, Ричард Прајор, Марвин Геј…не му беше воопшто гајле“, вели Џоунс.
Квинси Џоунс наскоро полни 85 години и за себе вели има останато само уште еден филмски проект каде што на новите генерации ќе им ја поклони на тацна квалитетната музика.