До 17 часот 57,57 отсто од регистрираните гласачи излегоа на гласање на локалните избори. Државната изборна комисија соопштува дека овој процент е повисок во споредба со истиот период на минатите избори.
По општини, најголем е одѕивот во Вевчани, повеќе од 80 отсто, во Прилеп 67 %, во Кичево 71,85 %, Штип 66,17 отсто, Охрид 64, Струга 57, Струмица 69,17 %, Скопје 53. Во скопските општини излезеноста во Центар е 58 отсто, Чаир 44 %, Аеродром 56, Кисела Вода 55, Бутел 51,83 %, Гази Баба 49 и Карпош 60,43 %. Во другите општини процентот на излезеноста е: во Арачиново 55 отсто, Битола 62,5 %, Гостивар 48, Куманово 52,21 %, Сарај 50,6 %, Тетово 50,7, Штип 66,17…
Потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи оцени дека изборите минуваат мирно, демократски и во духот на Изборниот законик и сите одредби кои се поврзани со изборите.
– ДИК денешниот ден го оценува во духот на демократски процес и досега го оценува како успешен. Изборите во сите општини се фер и демократски, изјави Јакупи.
Соопшти дека до ДИК се доставени неколку преставки поради некои технички услови кои биле надминати на самиот почеток на гласањето, за лица кои не биле во Избирачкиот список
– Според методологијата што ја усвои ДИК овојпат гласаат сите лица кои имаат важечки биометриска патна исправа и лична карта. Во неколку општини има поплаки дека некои лица не се наоѓаат во Избирачкиот список, изјави Јакупи.
Информираше дека на оние избирачки места каде што било прекинато гласањето, тоа ќе биде продолжено онолку минути колку што траел прекинот.
– Сметаме дека во 19 часот поголемиот дел од избирачките места ќе бидат затворени, рече потпретседателот на ДИК.
Јакупи информираше дека ДИК ќе ги објавува веднаш резултатите по пристигнувањето од општинските изборни комисии и оти тие ќе може да се следат и на нивната веб страница.