Ова не е само уште еден документ со бројки и табели, ова е економска порака за стабилност, доверба и развој, како и јасен доказ за одговорното управување со јавните финансии што го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пред матичната собраниска Комисија го образложува Предлог-буџетот за 2026 година.
Како што напомена Димитриеска-Кочоска, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции.
Со Предлог-буџетот за 2026 година, дополни, Владата ја задржува конзистентноста во економските политики и континуитетот со Фискалната стратегија 2026–2030 година.
-Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски, дури и во време на предизвици. Овој документ зборува за економија што расте, за држава што инвестира и за Влада што знае што прави, потенцира министерката.
Според неа, најважно за оваа Влада е тоа што не зборува многу, туку испорачува.
Ветивме постепена фискална консолидација, како пред граѓаните така и пред меѓународните финансиски институции и остануваме на ветеното, подвлече Димитриеска Кочоска.
Согласно Предлогот, во 2026 година се очекува економијата да забрза со реален раст на БДП од 3,8%, предводен од домашната побарувачка. Главен двигател ќе бидат бруто инвестициите, како резултат на поинтензивната реализација на инфраструктурните проекти, како и вложувањата во енергетиката, железницата, земјоделството, образованието и здравството.
Приватната потрошувачка, е проектирана со раст од 2,6%, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4% во насока на фискална дисциплина, а инфлацијата ќе се стабилизира околу 2,5%, во услови на стабилни цени на меѓународните пазари. Позитивните трендови ќе се одразат и на пазарот на труд – се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5%. Ова ќе биде како резултат на отворање нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што Владата ги спроведува.
„Вкупно гледано, проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија“ кажа министерката.
Како што рече министерката, со Предлогот особен акцент е ставен на подобра наплата на сопствените приходи од страна на буџетските корисници, рационално користење на јавните средства, како и навремено и реално планирање на капиталните расходи. Системот на субвенции и социјални трансфери ќе биде редизајниран со построги критериуми за да се обезбеди целисходна распределба, додека фискалната дисциплина, транспарентноста и дигитализацијата на процесите ќе обезбедат поефикасни и поквалитетни јавни услуги.
-Вкупните приходи на Буџетот за 2026 година се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари, а приходната страна е внимателно проектирана за да се обезбеди стабилна финансиска рамка во услови на глобална неизвесност. Расходите се планирани на ниво од 414,2 милијарди денари и се насочени кон обезбедување стабилно функционирање на јавните услуги, модернизација на инфраструктурата, подобрување на условите во здравството, образованието и социјалната заштита, како и континуитет на јавните инвестиции што создаваат долгорочни економски ефект. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 39,2 милијарди денари или на ниво од 3,5% од планираниот БДП, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година. На тој начин продолжуваме со спроведување строга фискална дисциплина, истакна министерката и потенцираше дека ревидираните нагорни очекувања за растот на БДП се директна последица на подобрената економска клима, зголемената доверба кај инвеститорите и засилената јавна инвестициона активност.
Согласно Предлогот, расходите за исплатата на плати изнесуваат 52,6 милијарди денари, што е за околу 3 милијарди денари повеќе од 2025 година. Расходите за стоки и услуги се планирани на 27,9 милијарди денари, со минимално намалување од 0,5% во однос на претходната година. За исплата на пензии се обезбедени 116,8 милијарди денари, вклучувајќи го порастот за 2026 година според законските решенија. Обезбедени се 12 милјарди денари за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории. За активни мерки и политики за вработување, кои вклучуваат креирање програми за нови работни места, поддршка за млади, лица со попреченост и корисници на гарантирана минимална помош, се предвидени 2,6 милијарди денари.
Капиталните инвестиции, во висина од 40,2 милијарди денари, ги опфаќаат клучните проекти во транспортната, енергетската, образовната и здравствената инфраструктура. Фокусот на Владата е да обезбеди забрзано темпо на реализација, со цел модернизација на земјата и подобрување на условите за граѓаните и стопанството, рече Димитриеска-Кочоска.
Во делот на задолжувањето, истакна дека догодина се предвидува навремена и целосна отплата на обврските во вредност од 74,8 милијарди денари, при што политика на Министерството останува стабилно управување со јавниот долг и обезбедување соодветна ликвидност во текот на целата година. За финансирање на дефицитот предвидено е задолжување на домашниот и на странските пазари.
Предлог-буџетот за 2026 година е уште еден доказ дека кога нешто ќе ветите мора да испорачате доколку сакате да ве препознаваат како сериозна Влада, секако и сериозен партнер на меѓународната заедница. Секој денар од народните пари е планиран со цел да обезбеди максимален ефект за граѓаните и економијата, при строго почитување на буџетските лимити и постепено усогласување со фискалното правило од 3%. Нашата цел е јасна: преку усвоените политики и мерки за фискална консолидација, да го намалиме буџетскиот дефицит, да го контролираме јавниот долг и да обезбедиме долгорочна фискална стабилност, која е темел за економски раст и подобар животен стандард за сите граѓани, заклучи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
По експозето, рече дека од Комисијата очекува аргументирана, квалитетна и продуктивна дискусија.
По Димитриеска-Кочоска, пред членовите на Комисијата се обраќа и претседателот на Фискалниот совет Абдулменаф Беџети, кој го дава видувањето за проектираниот Буџет.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.

