НИНТЕРВЈУ со Маја Димитрова, едукатор во Националната галерија на Македонија
За мене е многу поважно да ги мотивирам учесниците да останат вклучени во процесот и нивниот труд да биде вреднуван. Искрено, сакам без притисок да се ангажираат, односно да биде со леснотија и договор. Уметничката вредност на креациите може да биде развиена со време и пракса. На крајот, од клучна важност е нивното лично чувство, дека прават нешто што им носи среќа.
НОВА: Го најавивте „Патувања“ Вашиот најнов проект. Збор, два за него, за мотивот, конституцијата, опфатот, целите?
Димитрова: Тоа е креативен инклузивен проект во чест на меѓународниот ден на лицата со попреченост. Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што не е строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал.
Преку нивните креации децата раскажуваат визуелно – емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно.
На овој начин нивната уметност не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство.
Креираајќи визии за иднината, истражувале не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми.
Тие низ својата уметност ги предвидуваат можните резулати на одредени општествени или еколошки трендови. Во овој проект се работеше во колаж-техника, со интервенција на боја и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „НиколаКарев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца сооштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентитеод Универзитетот Фонтис од Холандија и студентите од Факултетот за ликовни уметности- Скопје.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата напостоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак сетолку универзални.
Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот.
НОВА: Проектите што ги реализирате се дел од вашиот редовен институционален ангажман во Националната галерија на Македонија или е тоа индивидуален труд?
Димитрова: И оваа година како и изминатите години ние како институција посветено работиме во организирање на едукативни проекти во кои младите имаат шанса да се изразат себе си .
Со самото тоа на креативен и едноставен начин ја исполнуваме светата мисија на уметноста која никогаш не постои заради самата себе, туку за да поттикне на размислување и дејствување, да облагороди, да предупреди и освести.
Јас како едукатор се чуствувам особено среќна дека можеби за момент сум го облагородила нивното детство,а со тоа и да имаат вистина убави спомени од времето поминато во галериите, меѓу изложбите во директен контакт со уметноста.
НОВА: Одгласите од Вашите ангажмани на полето на ликовната уметност но посебно од Вашиот едукативно уметнички ангажман со децата се секако позитивни. Како ја оценувате соработката со училиштата и ја има и каква е поддршката од државата, од компаниите, родителите?
Димитрова: Проектите покрај што се традиционално поддржани од Министерството за култура, за среќа последниве години се повеќе општествено одговорни компании играат значајна улога во поддршката на проектите за деца со попреченост.
Преку партнерства, донации и активна вклученост овие компании сериозно прават чувство кај децата дека се почитувани, вреднувани токму онака како што заслужуваат. Не можам да ви објаснам колку се среќни и колку им значи вниманието што тие го добиваат.
НОВА: А децата, учениците, како тие се подготвуваат и како ги реализираат идеите што Вие ги вградувате во проектите?
Димитрова: Се трудам проектите на кои работат да бидат на актуелни и современи теми, а со тоа да развиваат и свест за општеството, екологијата, технологијата и културата.
НОВА: Секако дека настаните со децата за кои зборуваме во ова интервју треба непосредно да се доживеат, но можете ли овде накусо да го преставите амбиентот за време на подготовката пред јавните настапи на децата со своите трудови?
Димитрова: Во зависност од типот на креативниот проект или која возраст на деца ќе бидат вклучени, дали тоа ќе бидат вклучени деца од редовната настава на основно и средно образование или деца со попречености различни се подготовките за секој проект. Но она што е заедничко за сите нив е тоа што на почеток имаме воведни предавања и дискусии како еден тип на подготовка .
Идејата е да се охрабрат да размислуваат и делуваат самостојно. Преку јасни насоки тие полесно можат да се фокусираат за тоа што им е дадено како задача. Штом тие се опуштат и чувствуваат сигурно тогаш делуваат автентично и почнуваат да ја ослободуваат целата своја фантазија; сами комбинираат свои дела и се консултираат за можни решенија.
Посебна е глетката на деца со засукани ракави и максимална посветеност. Ваквите проекти се покажуваат за исклучително ефикасни бидејќи покрај забавниот имаат и воспитно образовен карактер.
НОВА: Идол сте им на децата, на учениците со кои соработувате, Ве бараат ли некогаш за било што и после вашите взаемни ангажмани во текот на реализацијата на проектите, односно, што би рекле за емотивните моменти кога гледате дека децата или некои од нив, Ве доживуваат како другар, како „втор родител“, а, некои, можеби, и како„прв“?
Димитрова: Луѓето прво нешто што забележуваат е енергијата што некој ја носи пред било што да проговори. Искрениот и другарски однос со децата е исклучително важен, но со јасни граници. Едукаторите,професорите не се како порано од позиција на наметнат авторитет туку како некои кои ги разбираат децата за тоа како се чуствуваат, со кои предизвици се соочуваат и се трудат да се тука за нив.
На тој начин се создава чуство на доверба и почит што е комплимент за едукаторот или наставникот , но и одговорност во давање вистински насоки за правилен развој.
Па така, во текот на креативните работилници иако имаме за цел да се изработи дело, опуштената атмосферата овозможува споделување за теми и ситуации за кои не секогаш се спремни да разговараат. Преку уметноста, учениците ја канализираат енергијата што во текот на наставата немале можност соодветно да ја изразат.
За мене е многу поважно да ги мотивирам учесниците да останат вклучени во процесот и нивниот труд да биде вреднуван. Искрено, сакам без притисок да се ангажираат, односно да биде со леснотија и договор.
Уметничката вредност на креациите може да биде развиена со време и пракса. На крајот, од клучна важност е нивното лично чувство, дека прават нешто што им носи среќа.
НОВА: На почетокот го најавивме проектот „Патувања“, чија промоција ќе се случи овој петок, што се следно од Маја Димитрова?
Димитрова: Има многу идеи и планови кои, се надевам, ќе се реализираат во годината пред нас.





