Британската поп дива Адел освои најмногу награди на синоќешните американски музички награди Греми кои се одржаа во Лос Анџелес во САД, а неизбежно истите беа обележани и од политичката ситуација во САД.
Албумот „25“ на Адел ги доби наградите „Албум на годината“ и „Најдобар поп вокален албум“. Нејзината песна „Hello“ ги освои наградите „Снимка на годината“, „Песна на годината“ и „Најдобар поп соло перформанс“.
Култниот музичар Дејвид Боуви кој почина минатата година, постхумно го доби Гремито за последниот маестрален албум „Black Star“.
Британката Адел ѝ оддаде признание на нејзината главна конкурентка за наградите Бијонсе, која што за прв пат се појави во јавност од соопштувањето дека е трудна.
„Ние уметниците тебе те обожуваме“ рече Адел за Бијонсе, која што беше номинирана во девет категории.
Церемонијата протече, како и што се очекуваше, со доста критики за американскиот претседател Доналд Трамп, а се оддаде почит и за починатите Принц и Џорџ Мајкл.
Дел од останатите наградени музички артисти се:
Најдобар рап албум: The Coloring Book, Ченс Д Рапер
Најдобар урбан современ албум: Lemonade, Бијонсе
Најдобра кантри соло перформанс: „My Church“, Марен Морис
Најдобра рок песна: „Blackstar“, Дејвид Боуви
Најдобра поп дуо/поп група перформанс: „Stressed Out“, Твенти уан пајлотс
Најдобар нов артист: Ченс Д Рапер
Најдобар рок перформанс: „Blackstar“, Дејвид Боуви
Најдобар рок албум: Tell me I’m pretty, Кејџ Д Елефант
Најдобар алтернативен музички албум: Blackstar, Дејвид Боуви
Најдобар арендби перформанс: „Cranes in the Sky“, Соланж
Најдобар рап перформанс: „No Problem“, Ченс Д Рапер со Лил Вејн и Ту Чеинз
Најдобар рап/испеан перформанс: „Hotline Bling“, Дрејк
Најдобро музичко видео: Бијонсе, „Formation“.