Колку и дали странските инвестиции помогнаа во бришењето на лица од графите „невработени“? Како инвеститорот го третира македонскиот работник? Има ли незадоволство помеѓу домашните бизнисмени? Втор дел од серијалот на НОВА посветен на странските инвестиции низ државата
Странски инвестиции, нови вработувања и подобра инфраструктура за Источна Македонија. Според најавите на политичарите, истокот од државата го очекува вистинска ренесанса. Странски инвеститиции се најавија во Кочани и Штип, а и Виница очекува бенефит од странскиот капитал. Иако во Штип е сместена регионалната ТИР зона, каде има бројни олеснувања за странците, сепак годинава најмногу инвестиции се најавија во Кочани.
Шест милиони евра и вработување на 1500 луѓе во период од пет години, најавија од американската корпорација “Амфенол“. Тие произведуваат кабли за вградување во автомобилската индустрија, како и антенски структури што телекомуникациските компании ги користат за нивните базни станици за мобилната телефонија.
Задоволни се од пробното производство и во моментот во компанијата се ангажирани 120 вработени. „Очекуваме до крајот на 2014 година тој број да изнесува од 250 до 350 лица, а за петгодишниот период мислам дека 1500 лица е реална бројка. Секако не можете однапред да знаете што ќе се случува во економијата, но се надеваме дека се ќе се одвива добро и ќе достигнеме 1500 вработени во кочанскиот регион“, рече Џон Тренор, потпретседател на американската корпорација Амфенол при неговата посета на Кочани. Производството ќе го шират со нова фабрика во Индустриската зона што допрва ќе се гради меѓу Виница и Кочани.
За Кочани што важи за еден од градовите во Источна Македонија со најголема стапка на невработеност, секоја инвестиција е добредојдена, сметаат граѓаните. „Битно е да се почне со работа, не прашуваме за плати. После ќе размислуваме за тоа“, велат граѓани. Ангажираните работници во „Амфенол“ се задоволни, но јавно не сакаат да зборуваат.
„Платите во просек се околу 12-13 илјади. Условите за работа се добри. Задоволни сме моментално од тоа што го нуди фирмата, се надеваме дека платите во иднина ќе растат“, ни рекоа луѓе ангажирани во фабриката. „Јас се сомневам во успехот на целата инвестиција бидејќи истите луѓе што беа во првите редови со Французите, а знаеме дека под нивно раководство „Руен ИТ“ отиде во стечај, сега се во првите редови и со „Амфенол“, ни рекоа граѓани на Кочани.
Поголем оптимизам владее за втората странска инвестиција во Кочани. Холандската компанија „Антура“ веќе почна со изградбата на својот капацитет каде ќе произведува расади на орхидеи на странските пазари, првенствено на западно-европските. Планот е до крајот на летото да завршат со градежните работи, а по обуките што веќе ги спроведуваат ќе започне и пробното производство. И оваа инвестиција се проценува на шест милиони евра, а се планира вработување на 300 луѓе.
Од општина Кочани велат дека даваат поволности на странските инвеститори. Поволностите и условите што ги нудат зависат од тоа дали се работи за гринфилд или браунфилд инвестиција, но зависат и од бројот на вработувањата и бенефитот што команијата го нуди за општината. Очекуваат и други инвестиции во поглед на земјоделието поради геотермалната вода во општината. Сепак од општина Кочани најавија дека конкретните мерки за привлекување инвеститори ќе ги презентираат наредната недела.
И втората холандска инвестиција која беше најавена за време на изборната кампања, деновиве ќе заврши со регистрацијата на македонската компанија во Централниот регистер. „R&S Tissue Culture Laboratories“ најави дека во овој регион ќе инвестира три милиони евра. Планот е ширење на производството преку гринфилд инвестиција и изградба на нов капацитет во индустриската зона меѓу Кочани и Виница. Станува збор за фабрика за одгледување на растенија во еколошки чиста околина, со сопствен вид на холтикултурни семиња. Планот е на есен да стартуваат со работа. Од Македонија производството ќе го извезуваат во Западна Европа, а во следните три години ќе вработат 100 лица, од нив 35 % со високо образование и потребни вештини.
Виница е општина што има најмал број невработени. Според веб страницата на Агенцијата за вработување во Март нивниот број бил 819 ,активни баратели на работа.
„Ние во Виница имаме поволно искуство со странските инвестиции. Имаме една холандска инвестиција за производство на цвеќе што работи извесно време. Уште една имаме во најава.
Во сферата на градежништвото работи македонско-австриска компанија, а до јуни очекуваме влез на уште една австриска компанија за производство на заштитна облека. Таа најавува 100 нови вработувања за почеток, а бројот планираат да го заокружат на 250 вработени“ вели Емил Дончев, градоначалник на Виница.
Со странски инвестиции не можат да се пофалат во Берово. Таму единствената инвестиција пропадна. Турската компанија „Ул Мак“ беше отворена пред парламентарните избори во 2011-та. Лента сечеше и премиерот Никола Груевски. Но компанијата за производство на селотејпи каде беа ангажирани триесетина вработени, прво го намали обемот, а после целосно престана со производство. Од општина Берово не прецизираат зошто престанало производството, но велат дека сега се концентрирани на домашните инвеститори кои вложуваат во изградба на хотели.
Најголем број вработени засега има во втората фабрика на „Џонсон Контролс“ изградена во ТИР зоната во Штип. Таму се вработени околу 1100 луѓе од Штип, Пробиштип, Кочани, Велес, Свети Николе. Но иако имаше негодување од страна на локалните конфекции дека ќе има драстично одлевање на нивниот кадар кај странците, тоа не се случи. Една од причините за тоа веројатно се и платите што се исти со останатите сериозни локални текстилни компании и во просек се движат од 12.000 до 15.000 денари. Во регионалната ТИР зона во Штип има 37 парцели за фабрики и се простира на површина од 208 хектари. Но засега таму егзистира само „Џонсон Контролс“. За оваа пролет во штипската индустриска зона беше најавен стартот на изградбата на нов погон на хрватската компанија за производство на термоизолациски материјали „Кумал“. Инвестицијата тешка седум милиони евра беше најавена лани во октомври и според најавите требаше да се вработат 50 лица, но да има и 100-тина индиректни вработувања.
Надвор од ТИР зоната во штипската индустриска зона „Запад“ пред 15-ина денови почна изградбата на првата фаза од фабриката за производството на заварени склопни елементи за шасии за автобуси на белгиска компанија „Ван Хол“. Ќе ги произведува штипската компанија „Актива“. Менаџерот на „Актива“, Илија Николов тогаш најави дека стратува изградбата на хала а производството ќе започне од септември. „Вкупната инвестиција на првата фаза од првата фабрика изнесува 3 милиони евра, еден милион евра е сопствено учество на Актива, а два милиони евра се кредит. Новата фабрика за производство на заврени склопни елементи за шасии за автобуси „Актива“ ја гради на локација од 70 000 м/2, со можност за проширување до 120 000 м/2, изјави Николов.
Со изградба на индустриска зона која ќе се простира на околу 10 хектари и Македонска Каменица тргнува во лов на инвеститори. За да се привлечат инвеститорите тие ќе бидат ослободени од секакви комунални такси, како и давачки за електрификација и патна инфраструктура. Интерес има, Македонци од дијаспората се заинтересирани за отпочнување на бизнис во конзервирање и преработка на храна, но засега нема конкретни имиња.
Сепак инвестициите не го спречија бранот иселувања од градовите на Источна Македонија. Во овој период околу 4000 граѓани од крајниот исток, заминуваат на сезонска работа во странство, а не е мал бројот и на граѓаните кои се одлучуваат својата кариера да ја градат надвор од државата. „За три-четири месеци работа во странство како возач на камион дома може да донесам и над 4000 евра, што не можам да го заработам во ниедна од компаниите што работат во Македонија било да е странска или домашна“, вели Сашко К. дипломиран правник од Штип. „Странските инвестиции се добра работа, но да даваат плата барем половина од тоа што го даваат на нивните работници во матичните земји јас нема одам да работам во Италија“ вели Ненад. Д. од Виница.




