Колку и дали странските инвестиции помогнаа во бришењето на лица од графите „невработени“? Како инвеститорот го третира македонскиот работник? Има ли незадоволство помеѓу домашните бизнисмени? Прв дел од серијалот на НОВА посветен на странските инвестиции низ државата
Германски Дрекслмаер и туниски Кофикаб веќе вработија околу 6 500 Кавадарчани, Велешани и Неготинчани, а догодина се очекува влез на уште еден гермаски гигант – Маркарт, кој во фабриката кај Велес вети 600 нови работни места.
Речиси 10 илјади жители од Велес, Кавадарци, Неготино и околината има помалку во графата на невработени денес, во споредба со податоците на Агенцијата за вработување од пред 14 месеци.
Според официјалните бројки на Агенцијата, во Велес во март годинава, тројно е намален бројот на невработени во однос на февруари лани, а во Кавадарци и Неготино бројките за истиот период се преполовени.
Реално или фиктивно намалување на невработеноста – на што се должат овие скоро неверојатни податоци? Можно ли е двете странски инвестиции, германски Дрекслмаер и туниски Кофикаб во Кавадарци толку драстично да ја намалат невработеноста во овој регион?
Периодите се совпаѓаат, но бројките не.
Германскиот гигант во автомобилска индустрија Дрекслмаер, за кого пред три години битка водеа и Велес и Кавадарци, своите први производи во фабриката во градот на лозарите ги произведе кон крајот на 2012 година. Тогаш се вработија и првите 200 работници. Како растеше производството, така компанијата примаше се повеќе луѓе. Денеска бројката на вкупно вработени е 4200. Токму жителите на Велес, Кавадарци и Неготино се меѓу најбројните. Работат во три смени, често и преку викенд. На почетокот се зборуваше дека странскиот инвеститор вовел германска дисциплина, но нудел македонска плата. Потврда за тоа беа и огласите кои се појавија на веб страницата на Агенцијата за вработување, според кои, за позиција „помошник на генералниот директор“ се нудеше основна плата од 8100 денари. Многу од вработените незадоволни од платата си заминаа од фирмата. За тоа раскажуваат јавно, но кога ги замолиме нивните искази да ги објавиме во овој текст, тогаш едвај ги убедивме тоа да го сторат, макар и анонимно. Се плашат и да критикуваат, но и да фалат јавно. Велат – или ќе не избркааат или ако критикуваме, ќе си ги намалиме шансите за следно вработување. Таков е примерот со 30-годишниот велешанец, кој по само неколку дена ја напуштил фабриката.
– На интервјуто ми беше кажано дека ќе работам едно, а во погонот излезе сосема нешто друго. Требаше да метам, да чистам, претпоставениот постојано ми се дереше. А платата – 8 илјадарки. Јас и претходно имав таква работа за истите пари. Кога се отвори Дрекслмаер си реков – еве ми конечно шанса да работам за повеќе пари, а и да научам занает. Ама не излезе така, па си заминав, рече велешанецот.
Други, пак, ја демантираат приказната на претходниот соговорник. Велат дека никогаш претходно не виделе така организирана работа. Не се согласуваат и околу висината на платата.
– Осум илјади денари е почетната плата. Но, никој до сега не земал толку. Сите одиме на смени, ноќната ни се плаќа дополнително, работиме и во викенд, но и тој е платен повеќе од основната дневница, така што минималната плата не е под 13-14 илјади денари. Работата е напорна, осум часа мора да си „на нога“, но никој не дава пари за џабе, рече велешанец кој сеуште работи во Дрекслмаер.
Со него се согласуваат и неколкумина млади Кавадарчани на кои Дрекслмаер им е прво вработување. Велат дека сега имаат пари за работи, кои претходно не можеле ниту да си ги замислат.
работници во погон во Дрекслмаер

Кавадарци е раздвижено деновиве. Кафулињата се полни, пред банкоматите редица од луѓе. Дали доаѓањето на пролетта и сончевите денови, субвенциите кои обично пред избори ги добиваат земјоделците или нешто друго ги размрда Кавадарчани?
Илија Тренчев е претседател на Економско социјалниот совет во општина Кавадарци. Според него, Кавадарци доживува ренесанса, а причина за тоа се двете странски инвестиции во последните две години, Дрекслмаер и туниски Кофикаб. Вели дека поради нив, во Кавадарци стапката на невработеност е далеку под државниот просек и изнесува околу 10 до 12 проценти.
– Во Дрекслмаер во моментов работат 4200 работници, до јуни ќе има 4600. Оваа фабрика е од големо значење за развојот на економијата не само во Кавадарци, туку во целиот вардарски регион, рече Тренчев.
Втората сериозна странска инвестиција во Кавадарци, туниската компанија Кофикаб е лидер во производство и продажба на електрични кабли за автомобили. Покрива 13 отсто од светскиот пазар и 30 проценти од европскиот. Во 2010 година обртот им достигна 550 милиони евра. Првата фабрика е изградена во Тунис во 1992 година, а во последните две декади, до 2009 година, компанијата отвори капацитети и во Португалија, Мароко, Романија.
– За три години во кавадаречки Кофикаб ќе има 150 вработувања, 150 среќни семејства. Кофикаб беше прв на листата произведувачи на кабли. Тие ја видоа големината на локалниот пазар, минатото лето донесоа одлука да инвестираат. Фирмата се наоѓа во постоечка локација во Кавадарци, од каде почнуваат со достава на кабли кон Дрекслмаер, а за кратко време и до Кронберг и Шуберт, изјави пред три месеци министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак, додавајќи дека догодина Кофикаб предвидува гринфилд инвестиција.
– Кофикаб почна со работа во погоните на ИГМ, веднаш до Дрекслмаер. Тоа е компанија која е нивни партнер. Секаде каде што Дрекслмаер гради фабрика, Кофикаб се стационира до нив. Тунижаните ги произведуваат каблите, кои Дрекслмаер ги инсталира во електричните делови на автомобилите. Засега, во кавадаречки Кофикаб работат петнаесетина работници, но за три години, според најавите, бројката ќе достигне до 200, објаснува Илија Тренчев.
Сето ова, според него, го зголеми стандардот на Кавадарчани, а показател за тоа е отворањето на се повеќе банки, угостителски објекти, дејности од секундарен и терцијален карактер, се возат повеќе автомобили, потрошувачката се зголемува.
Но, неговото мислење не го дели кавадаречки бизнисмен од медиумската сфера, чие име не сакаше да го спомнеме. Тој е резервиран во однос на ефектите од странските инвестиции во неговиот град. Вели дека таквата економска експанзија најмногу требало да се почувствува токму на пазарот на реклами, а тоа засега не е случај.
– Дури и да има некаков економски бум, рано е да се зборува за неговите ефекти. Засега, тоа е немерливо, бидејќи во последните 14 месеци во Македонија имаше два изборни циклуси, а знаеме дека тогаш најчесто се исплаќаат поголеми суми субвенции за лозарството. Следните година-две се години без избори, па тогаш би можеле да зборуваме за ефектите од овие инвестиции, вели бизнисменот.
Иако добивме многу информации околу работата на овие две компании, сепак нивниот извор е второстепен. Најголем проблем е да се добијат информации директно од самите компании. Еден од директорите на Дрекслмаер е Ѓорѓи Тренковски, поранешнот прв човек на Фондот за здравство. Се обидовме, но не успеавме да добиеме изјава од него. Едноставно, на нашите телефонски повици не одговараше никој. Сакавме да го прашаме дали е точно дека имаат недостиг од менаџерски кадар. Наместо првите луѓе на Дрекслмаер, информации добивме од Илија Тренчев, претседателот на кавадаречкиот Економско социјален совет.
– Дрекслмаер вработува квалификуван кадар, кој потоа го обучува. Точно е дека има недостиг од менаџерски кадар, вели тој.
Сепак, отворањето на овие две фабрики ни од далеку не може да биде причина за драстичното намалување на невработеноста во Кавадарци, Неготино и Велес, иако најголемиот број од оние 4200 работници доаѓаат од овие три града. Ова е од проста причина што Дрекслмаер и Кофикаб се единствените странски инвестиции во овој регион кои почнаа со работа. Во Велес е најавена и почна да се гради фабриката на уште еден гигант во автомобилската индустрија, германскиот Маркарт.
На површина од 100 илјади метри квадратни во индустриската зона близу селото Караслари, на почетокот на април багерите почна да го подготвуваат теренот за ставање темели на новата фабрика.
– Планираме да завршиме во април 2015 и да почнеме со производство, а ќе вработиме 500-600 луѓе, истакна Лудгер Шонекер, менаџер од корпорацијата Маркарт и додаде дека своето производство од фабриката во Македонија, ќе го пласираат во Германија.
Работите во новата индустриска зона Караслари и изградбата на Маркарт и деновиве се во полн ек. Фабриката треба да биде готова за една година, а од продажбата на земјиштето по 71 денар за метар квадратен, општина Велес веќе инкасираше околу 100 илјади евра.
– Ова е прва странска инвестиција во Велес по 24 години, рече Мартин Мајсторов, портпарол на Општина Велес.
Маркарт е групација која произведува автомобилски делови за Мерцедес, Ауди и БМВ. Инвестицијата во фабриката во Велес е проценета на 35 милиони евра.
За Трајче Трајков, претседател на Регионалната стопанска комора и сопственик на компанијата Хемија комерц од Велес, трите големи инвестиции се од огромно значење за регионот.
– За поздравување се напорите на Владата за носење странски инвеститори. Тоа е многу тешка и макотрпна работа. Овие инвестиции на Дрекслмаер и Кофикаб и онаа на Маркарт, која треба да биде готова догодина се голем бенефит за регионот. Во однос на поволностите кои странците ги добиваат, сметам дека така мора да биде. Ако странецот нема бенефиции, тој нема да дојде да инвестира. Посебно во услови кога имате страшно силна конкуренција во соседните земји, рече Трајков.
Сепак, според Трајков, тоа не значи дека домашните инвеститори треба да се запостават. И тие мораат да имаат поддршка од државата, посебно оние, кои се ориентирани кон извозот.
– Владата мора да им овозможи одредени субвенции, во форма на даночни олеснувања и слично. Ова го аргументирам со фактот што нашата земја зависи од најскапиот енергенс – електричната енергија, така што, цените на производите на македонските компании на странските пазари се неконкурентни. Ако Владата го субвенционира производството, нешто слично како што тоа го прави во земјоделието, цените на нашите производи ќе бидат многу поинтересни за странските купувачи, објасни Трајков.
Такви поволности сега добиваат само компаниите кои инвестираат во слободните еконмски зони и кои производите ги пласираат на странските пазари. Според владината инвестициска политика, за период од 10 години тие се ослободени од плаќање на данок на добивка и 100 проценти се ослободени од персонален данок на доход за период од 10 години. Исто така, инвеститорите не плаќаат надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и надоместоци за добивање на градежни дозволи, а имаат и бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа.
Во однос на малите плати кои странските инвеститори ги нудат на вработените, Трајков е убеден дека тоа многу брзо ќе се промени.
– Нашите кадри кои бараат работа се квалификувани, но немаат работно искуство. Е тоа работно искуство се плаќа и е многу скапо. Додека обучите еден работник ефикасно да ја работи својата работа, вие како компанија мора да инвестирате во него. Во ситуација кога институциите на државата не вршат преквалификација на работната сила, тоа мора да го прават инвеститорите. Но, ниту еден газда, било да е домашен или странец, нема да дозволи да го изгуби квалитетниот работник давајќи му мала плата. Верувајте, за година-две работите ќе се искристализираат, на работа ќе останат оние кои се навистина квалитетни, а нивните плати ќе бидат многу повисоки од сегашните, смета Трајков.
Единствената помпезно најавена инвестиција во Велес од која сеуште нема ниту трага, ниту глас е изградбата на универзитетскиот кампус кај езерото Младост. Пред точно една година британската компанија ДТЗ почна со изготвување физибилити студија, но до денес нова информација околу овој проект нема. Во септември лани министерот за траспорт и врски Миле Јанакиески изјави дека овој проект добро напредува.
– Приоритет ни е изградба на универзитетски кампус, доколку таа инвестиција стане реалност, а оди во таа насока, тогаш таму ќе биде кампусот, а ќе се бараат други алтернативи за изградба на сместувачки капацитети“, рече тогаш министерот Јанакиески.
Но, од инвестицијата засега нема ништо. Портпаролот на општина Велес Мартин Мајсторов за Нова рече дека надлежноста за изградбата на универзитетскиот кампус е на Владата и за подетални информации не упати таму.
Кога ќе се сумираат состојбите, се чини дека велешкиот и тиквешкиот регион полека излегуваат од кризата. Трите странски компании го раздвижија пазарот на трудот. Сепак, бројката на Агенцијата за вработување од речиси 10 илјади невработени од Велес, Кавадарци и Неготино помалку, во однос на февруари лани, не се должи само на вработувањата. Тоа го кажува и простата математика, кога ќе се соберат сите вработувања, реализирани во овој период. Бројката не е најреална, но нагорна тенденција на вработувања сепак има.




