Протекување на кровот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар комедија во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река, како и други.
Министерството за култура информира дека министерот Роберт Алаѓозовски извршил увид во Музејот на современа уметност во Скопје, а заменик министерот ги посетил Драмскиот театар и Музејот на Македонија.
– Констатирано е дека дури и при дождови, кои се вообичаени за ова време на годината, нашите културни установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за условите во нив – пишува во соопштението од Министерството.
– Во Драмскиот театар, во соработка со директорот Сашо Тасевски уште денеска ќе се преземат мерки за санација на оваа загрижувачка состојба и за локално санирање на кровот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства кровот да се санира и да се создадат елементарни услови за работата на Драмскиот театар до тече без никакви пречки – информираат од Министерството.
Во соопштението се вели дека Владата и Министерството за култура не се откажуваат од изградба на нов објект на Драмскиот театар.