„Граѓаните ја препознаваат безбедноста како секојдневие и веруваат во системот кој обезбедува стабилност и е столб на владеењето на правото и развојот. Во последните неколку години имаме нова безбедносна слика и променет безбедносен сектор“, рече деканот на Факултетот за безбедност, професор Никола Дујовски на вториот ден од владината конференција „Година на нови можности“.
Тој додаде дека се анализирани сите проблеми во нивната суштина и поголем дел се надминати. „Активното работење за безбедноста во сообраќајот резултира со сериозно намалување на бројките за штети, загуби и човечки жртви. Со заеднички и интегриран пристап може да покажеме дека вреди да се работи за да се штити човечкиот живот и 2022 година е веројатно годината со најголеми успеси на овој план“, рече Дујовски.
Деканот на Факултетот за безбедност ги пофали институциите и рече дека тие се подготвени со целиот свој капацитет да ги водат преговорите за членство во ЕУ.