Еден ученик отворил оган во своето средно училиште во американската сојузна држава Вашингтон при што убил едно лице, а ранил најмалку четири.
Ученикот кој пукал во средното училиште Марисвил-Пилчак кое се наоѓа околу 50 километри северно од градот Сиетл, делувал сам и е мртов, изјавил за новинарите началникот на полицијата во Марисвил, Роб Ламороз.
„Убеден сум дека имало само еден напаѓач и дека тој сега е мртов, но сепак мораме да ја пребараме секоја зграда за да бидеме сигурни во тоа“, додал началникот.
Властите соопштија дека засега не знаат што го мотивирало напаѓачот и одбиваат да го соопштат неговиот идентитет.
Американските медиуми објавија дека напаѓачот е идентификуван како Џејлен Фриберг, ученик во првата година кој влегол во училишната кафетерија околу 11 часот по локално време и отворил оган врз соучениците.
Негов пријател за телевизијата NBC News изјавил дека Фриберг бил популарен меѓу соучениците и оти „сите го знаеле“. Неговиот пријател бил шокиран од пукањето, бидејќи не го сметал за насилен. Меѓутоа, неодамна на социјалните мрежи поставил фотографии на кои позира со нова пушка што ја добил за роденден, не е јасно дали го извел нападот со неа, а пред извесно време напишал дека е лут. Бил инаку припадник на домородното племе Тулалип.