Поранешниот шеф на словенечката дипломатија Зоран Талер е осуден на две и пол години затвор и на парична казна поради корупција додека беше пратеник во Европскиот парламент.
Талер беше втурнат во замката на англискиот Сандеј Тајмс чии новинари се претставија како лобисти и му дадоа 10.000 евра за да влијае на усвојување на законите во Европскиот парламент.
Словенечката полиција против Талер поднесе пријава, а тој кон крајот на минатата година се спогоди со обвинителството.
„Формално со таа спогодба ја признавам вината“, изјави Талер, кој е казнет со 15.000 евра, а парите ќе ги донира на Педијатриската клиника во Љубљана, а затворската казна ќе ја издржува за време на викендите секоја седмица.
Во период од пет години Талер нема да има можност да за вработи во било која јавна институција.
„Пред две години бев втурнат во шоуто на Сандеј тајмс во сопственост на Руперт Мердок, а со оваа спогодба доброволно ќе излезам од тоа“, изјави Талер.
Покрај него во замката влегоа уште тројца пратеници од Европскиот парламент – австриски парламентарец на кого вишиот суд во Австрија му ја поништи затворската казна, еден романски европарламентарец против кого е поднесена тужба и еден од Шпанија против кого не е поднесено обвинение и кој е се уште во Парламентот.