Поради трагичната сообраќајна несреќа која се случи вчеравечер на патот Скопје Велес, на половина километар пред наплатната рампа Петровец , во која тројца млади штипјани го загубија својот живот, Општина Штип прогласи Ден на жалост денеска и утре.
Вчера речиси сите штипски кафулиња и ноќни барови ја прекинаа музиката по дознавањето на лошата вест, а за денеска сите планирани активности во општината се одложени.
Тие со автомобил Фолксваген Поло на 500 метри пред патарината Петровец, ја изгубиле контролата над возилото и ја пробиле заштитната ограда на патот, при што завршиле во каналот кој се наоѓа во близина на автопатот.
Тројцата штипјани Стефан Николов (22), Бојан Бочварски (25) и Јани Димитриев (18) загинале на самото место.
Според роднините на загинатите, младите штипјани во Скопје биле дојдени на свадба кај пратеничката на СДСМ, Маринела Тушева.