Албанскиот премиер Еди Рама ќе го посети Белград и покрај инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија. Албанскиот премиер ќе пристигне во Белград на 22 октомври, пишуваат српските медиуми.
Информација ја потврдува и приштинскиот „Зери“, а во текстот се наведува дека косовската претседателка Атифете Јахјага се уште не го потврдила своето учество на конференцијата на Трилатералната комисија во Белград.
Притисокот за реализација на посетата на Еди Рама доаѓа од Брисел, кој е иницијатор на состанокот на двајцата премиери, како почетна точка за развој и нормализација на односите меѓу двете земји, пишува српски „Данас“.
Неодамна по инцидентот, се огласи и српскиот премиер Александар Вучиќ како и бројни претставници на српската влада кои вината ја посочија директно во албанската влада.
– Секого можам да погледнам во очи, но не знам другите дали ќе можат мене, изјави Вучиќ по инцидентот на фудбалскиот терен на Партизан во Белград.