Иако Полска и Македонија имаат различни историски патишта, тие споделуваат една заедничка грижа: како да се зачува достоинството на историското самосознание во време кога историјата сè почесто станува инструмент на политиката. Како да се зачува достоинството на историското самосознание во време кога историјата сè почесто станува инструмент на политиката?
Бенита Белешкова
Понекогаш човек мора да отпатува далеку за подобро да ја разбере сопствената татковина.
Во Краков, осознав дека е посебно убав и необичен град во кој историјата не живее само во музеите, туку во калдрмата, во парковите, во црковните камбани и во тишината меѓу старите фасади, па така неочекувано почнав да правам споредби за подобро да ја разберам состојбата на мојата земја Македонија.
За време на престојот читав многу за животот и делото на нобеловецот Чеслав Милош. Колку повеќе го читав овој писател, толку повеќе сфаќав дека некој да се појави од негов ков не би ја бранел Македонија со повишен тон или со политички пароли, туку со јазикот на достоинството, културната меморија и човековата слобода.
Она што јас го научив од него за време на мојот туристички престој во Краков е дека човекот не смее да се откаже од својата внатрешна вистина заради политичка удобност, ниту пак идеологијата да е поважна од совеста, како и тоа дека достоинството започнува таму каде што човекот одбива да ја прифати лагата како нормалност.
За него малите народи не треба да бидат третирани како објекти на геополитиката.Милош бил жесток критичар на сите идеологии што бараат човекот да се откаже од дел од својата вистина заради политичка корист. Во своето капитално дело „Заробениот ум“ предупредува дека најопасниот облик на потчинетост започнува тогаш кога човекот ќе прифати нешто што длабоко во себе не го чувствува како свое.
Во една мала книжарница во Краков барав да купам негова книга. Во разговорот со продавачот, кој со особена почит зборуваше за Милош, спомнав дека доаѓам од Македонија.
Тој не изгледаше изненаден.
„Да беше денес жив“, ми рече, „веројатно ќе ви кажеше дека Европа не смее да биде клуб во кој малите народи влегуваат само откако ќе се преуредат според желбите на посилните.“
Тоа многу ме трогна… а знав дека не беше цитат.Тоа беше духот на Милош рефлектиран преку неговиот читател и следбеник.
На некој начин ми презентира визија за духот на Европа каква што би требало да биде.
Му одговорив: „Македонија не бара ништо повеќе од она што Европа одамна го препознала како свое богатство: достоинството на различностите и правото секој народ сам да ја раскажува својата приказна.“
Додека чекорев низ Краков, некако природно ми се вратија и размислувањата оти знам дека доаѓаме од земја чие културно наследство сè уште не е доволно препознаено во европските рамки, немаме доволно можности да го истакнеме нашиот културен капацитет.
Иако Полска и Македонија имаат различни историски патишта, тие споделуваат една заедничка грижа: како да се зачува достоинството на историското самосознание во време кога историјата сè почесто станува инструмент на политиката.
Како да се зачува достоинството на историското самосознание во време кога историјата сè почесто станува инструмент на политиката?
Писателот Милош ги предупредувал Полјаците за опасноста од идеологиите.Македонските интелектуалци пак предупредуваат за опасноста од релативизирањето на историската меморија.
Во своите дела Милош ја бранел слободата на човекот.
Нашите интелектуални кругови од Македонија го бранат правото на народот да го зачува сопственото историско самосознание.
Како и да е оваа споредба ме потсетува на истата вистина: идентитетот не е бирократска категорија.Тој не е предмет на преговори. Тој не е историска сопственост што може да се распределува меѓу државите. Туку е живо искуство на луѓето.
Полска добро знае што значи тоа.
Низ својата долга историја таа повеќепати исчезнувала од политичката карта на Европа, но никогаш не исчезнала од меморијата на својот народ.
Нејзиниот идентитет преживеал затоа што не бил создаден од границите, туку од културата, јазикот и колективното достоинство.
А токму тука се сретнуваат полското и македонското искуство.
Во одредени периоди од историјата страдањето е неминовно, но според мене поважна е упорноста.
Во правото секој народ сам да ја раскажува својата приказна.
Така јас случајно шетајќи по краковските Планти дознав каде живеел и творел еден дел од неговиот живот еден од најголемите европски писатели на дваесеттиот век.
Седнав на клупата во паркот.
Птиците го прекинуваа утринскиот мир, а Краков блескаше во својата убавина.
Во тие моменти, како да разговарав со самиот Милош.
Како да ми раскажуваше за својот век исполнет со војни, тоталитаризми и разочарувања.
Како повторно да ме предупредуваше дека најголемата опасност не е силата на режимот, туку моментот кога човекот самиот ќе почне да ја оправдува лагата за да му биде полесно.
„Не прифаќајте ја лагата само затоа што е повторена илјада пати“, како да ми рече.Оваа порака не беше само за Македонија.Таа беше порака за цела Европа.
Затоа, враќајќи се од Краков, не носам со себе само спомени од еден прекрасен град. Носам една европска лекција.
Научив дека вистинската Европа не се гради со бришење на разликите, туку со нивно почитување.
Полјаците знаат дека достоинството на малите народи не е пречка за европската идеја, туку еден од нејзините најважни темели.
За нив идентитетот не е товар што треба да се остави пред вратите на Европа, туку богатство што треба да се внесе во неа.
Токму затоа, додека го напуштав Краков, имав чувство дека писателот Милош не ми остави политичка порака, туку многу посуштинска човечка обврска.А пораката се однесува на тоа дека не треба да се плашиме да ја кажеме вистината.Ниту пак да се откажуваме од сопствената меморија.Меѓутоа најважно од се е никогаш да не дозволиме удобноста да стане поважна од совеста.
Можеби токму тоа ми го оставија Полјаците преку својот прекрасен Краков како најубава порака: дека достоинството на еден народ никогаш не е пречка за Европа, туку еден од начините на кои таа опстојува.




