Премиерот Хазем ел-Беблави соопшти дека Владата ја понудила својата оставка, без да ги прецизира причините, со што се отвора можноста за кандидатура за претседател на шефот на армијата Абдел Фата ал-Сиси.
„Денеска Кабинетот одлучи да ја понуди својата оставка до претседателот на републиката“, вели ел-Беблави во телевизиска изјава. Тој надополни дека изминатите седум месеци владата раководела според своите одговорности и должности. „Владата не заобикулуваше во напорите да го извади Египет од лошата состојба“.
Според него, целта била Египет да се извади од „тесниот тунел“ со кој биле опфатени безбедноста, политичкиот и економскиот притисок. Портпаролот на властите во Египет, Хани Сале за агенцијата АФП изјави дека одлуката е донесена поради „чувството дека е потребна свежа крв“.
Привремениот претседател Адли Мансур пак, побара од Беблави да управува со ингеренциите на владата додека не биде избран новиот премиер. Беблави на функцијата премиер беше поставен откако армијата го смени Мохамед Морси од претседателството јули минатата година, по масовните протести против него.
Изутринава, државниот сајт „Ал Ахрам“ соопшти дека владата поднела оставка по 15-минутен состанок на Кабинетот.