Европската комисија ќе одобри 3,9 милиони евра за хуманитарните организации, кои укажуваат помош за бегалците од сирискиот курдски град Кобане, на границата со Турција.
– Над 180.000 Сиријци пребегале во Турција како последица на интензивните борби во Кобане, што ги продлабочува последиците од хуманитарната криза, која е најголема за нашето време, изјави еврокомесарот за хуманитарна помоп Кристалина Георгиева.
Средствата ќе бидат наменети поконкретно за обезбедување вода, засолниште и храна за бегалците.
Помошта е дел од пакетот од 150 милиони евра, предвидени од ЕК за хуманитарната помош за Сирија во 2014 година.
Според податоците на Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR), во борбите изминатите три седмици за Кобане, каде џихадистите контролираат повеќе од 40 отсто од градот и се на само километар од границата со Турција, загинале 553 луѓе, од кои 298 се припадници на Исламската држава.
Од тоа 20 се цивили од кои 17 биле егзекутирани од џихадистите кои во петокот го зазема штабот на курдските борци, зградата на цивилната администрација и ги контролираат сите источни населби, како и неколку населби во североисточните и југоисточните делови од градот, пренесува AFP.