Светлана Јовановска, Брисел
Посредникот за спорот со името Метју Нимиц очекува во многу кус рок, во првата половина на јуни, одговор од Скопје и Атина за неговиот последен предлог за решавање на спорот.
Нимиц требало да дојде во регионот во втората половина на мај но поради здравствени проблеми тој го одложил патувањето така што не се знае дали тој ќе дојде на Балканот или пак ќе одржи средба со грчкиот и македонски претставник во САД. Во секој случај, тој очекува на наредната средба да бидат дадени одговори на неговиот предлог.
Како што НОВА веќе пишуваше на 15 април, новиот предлог предвидува нашата држава да го носи името Горна Република Македонија во текот на периодот кој ќе течат преговори за членство во ЕУ а тоа се 5 до 7 години а потоа, пред влезот на земјата во ЕУ, граѓаните ќе треба да се изјаснат дали сакаат во ЕУ и дали го прифаќаат името Горна Република Македонија.
Што се однесува до името на јазикот тој, во употребата на ЕУ, би останал “македонски“ и тоа на ќирилица што не е пречка за Грците бидејќи вака напишан јазикот кажува дека неговото потекло е словенско. Грција, онаму каде што сака, атрибутот македонски ќе го користи во грчката негова верзија “македонос“ која подразбира хеленско потекло.
Овој предлог има компромис и за барањето на Грција за erga omnes употребата на новото име: “Од денот кога Република Македонија ќе стане членка на ЕУ меѓународното име на земјата ќе биде Горна Република Македонија и ќе се употребува erga omnes на сите јазици, освен на официјалните јазици на земјата”.
Овој предлог и изработен со помош на експерти од ЕУ и па нејзините челници се убедени дека ова е најдобриот предлог што досега сме го имале. При својата посета на Скопје неодамна високата престеавничка на надворешната политика на ЕУ Кетрин Ештон порача дека дискусиите за името мораат да биде доведени до крај без понатамошно одложување.
“Ги охрабрувам политичарите од двете земји да го искористат големиот напор на медијаторот на спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, за конечно решение за спорот за името. Знам дека тоа е тешко сега, но нема друг начин за побрзо решение, подобро е сега отколку подоцна”, рече Ештон.
Во текот на вечерата во Брисел на Ештон со министрите на надворешни работи од Балканот одржана во понеделникот таа не разговарала со македонскиот министер уверена дека нејзината порака одм Скопје е разбрана и дека на неа се работи. Истата порака во Македонија неделава ќе ја упати и комесарот Штефан Филе.
“Нашата работа е да бидеме оптимисти и да веруваме дека во самитот во јуни ќе има напредок во спорот со името што значи дека и македонското досие има напредок на самитот“, велат дипломатски извори во Брисел.
Според нив единствената вистинска пречка за одредување на рок за почеток на преговорите е само спорот со името додека бугарските најави за блокада ќе бидат маргинализирани доколку Скопје и Атина дојдат во договор.
Што се однесува со условот за формирање на Анкетната комисија за настаните од 24 декември 2012 година, во Брисел се уверени дека ова ќе биде сторено во наредните две седмици.
“Не очекуваме до самитот да има резултати од оваа комисијата но забележавме дека во владата има вистинска волја таа да го види денот. Ние ставивме на знаење дека таа комисија ќе мора да покаже резултат многу брзо но, според најпесимистичките најави, најдоцна во крајот на септември. Во спротивно тоа ќе има последици врз есенскиот извештај на Европската комисија (ЕК) без оглед на тоа дали спорот со името дотогаш ќе биде решен“, вели наш извор посетувајќи дека спорот со името не е услов за преговори туку предмет на конзенсус во ЕУ додека Анкетната комисија влегува во условите кои влегуваат во Копенхашките критериуми за состојбата на демократијата во една земја кои се услов за преговори.