Автомобил-бомба експлодирал утрово пред седиштето на Централната банка на Грција во Атина. Нема повредени, соопштува полицијата.
Возилото кое експлодирало било паркирано на тротоар близу канцелариите на грчките меѓународни кредитори, Европската централна банка и ММФ.
Последиците се само материјална штета, за која сеуште се проценува вредноста.
Еден час пред активирањето, два анонимни повици стигнале до информативен сајт и весник, кои предупредиле дека била поставена бомба пред банката.
Нападот во Атина се случува само еден ден по најавата од страна на Владата дека земјата, првпат по почетокот на финансиската криза пред 5 години, повторно ќе почне со емисија на среднорочни обврзници. Треба да бидат издадени обврзници во вредност од 2,5 милијарди евра и доколку акцијата мине добро, тоа ќе биде важен знак на доверба во мерките што ги презема коалиционата влада на Андонис Самарас.
Во Атина утре во посета доаѓа германската канцеларка Ангела Меркел. Таа со Самарас треба да разговара за борбата против финансиската криза.