Обвинувања за мешање во внатрешните работи на Турција и осуди по одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да признае турски геноцид врз Ерменците во 1915 година за време на Отоманското царство.
Турското Министерство за надворешни работи објави дека одлуката на САД не се заснова на правна основа и ќе „отвори длабока рана“ во билатералните односи.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу реагираше само неколку минути откако Белата куќа го објави соопштението.
Со реакција на Твитер се огласи и портпаролот на турското претседателство Ибрахим Калин.
Тој напиша дека земјата ги отфрла изјавите на Бајден и рече дека тој само ги повторува обвинувањата на оние чија единствена агенда е непријателство кон неговата земја.
– Го советуваме американскиот претседател да погледне во минатото и сегашноста на неговата сопствена земја“, додаде Калин.
За претседателот Реџеп Таип Ердоган ваквите дебати не користат никому и со нив треба да се занимаваат историчарите, а не како што рече, да ги исполитизираат трети страни користејќи ги како инструмент за мешање во внатрешната политика на земја.