До крајот на оваа седмица Европската унија ќе именува европски координатор за борба против еболата, најави денес францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус по состанокот со неговите колеги од ЕУ во Луксембург.
Европските министри се едногласни дека треба да има човек со оваа функција а неговото име ќе биде избрано во наредните денови.
Шефовите на европските влади и држави ќе се сретнат во Брисел во четврток и петок и ќе го објават името на избраната личност која ќе работи во Центарот за координација на итна акција на Европската комисија (ЕК). “Ова е значаен чекор бидејќи сите треба да влезат во борбата против оваа опасна епидемија”, рече Фабиус. Според него, во три земји – Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја – бројките упорно растат и се експоненцијални.
Светската здравстена организација констатираше дека вирусот напредува и убива 70 проценти од заболените.
Некои земји сепак ја сопреле епидемијата, рече Фабиус цитирајќи ги Сенегал и Нигерија. Целта на мерките кои ЕУ ги презема е да се спушти нагорната линија според која напредува вирусот. За таа цел се потребни центри за лекување и на обука, медицински персонал, контроли на лицата кои сакаат да напуштат една од “заразените” земји и финансии.
Со ова ЕУ ги следи чекорите на САД кои пред неколку дена го именуваа адвокатот Рон Клајн како координатор на борбата против ебола во оваа земја.
ЕУ и земјите членки издвоија половина милијарда евра за итна медицинска помош кај заразените лица и помош за земјите каде вирусот постои за да се сопре епидемијата.
На денешниот состанок на шефовите на европските дипломатии е заклучено дека “еболата е закана за мирот и безбедноста во светот”. Лидерите на ЕУ на крајот на неделата ќе направат анализа за тоа кое е влијанието на еболата врз политиката, безбедноста и економијата во најзагрозените земји во Западна Африка и ќе одлучат како да помогнат во изолацијата на вирусот без истовремено да ги изолираат најзагрозените земји.