За првпат по три години ЕУ повторно отвори ново поглавје во преговорите за пристап со Турција. Одлуката официјално е донесена денеска на средбата на ЕУ министрите за надворешни работи во Луксембург, јавува Дојче веле на македонски јазик.
Процесот е спор и макотрпен. Преговорите на ЕУ со Турција се во тек веќе осум години. Комесарот за проширување Штефан Филе посакува од денеска (22.10) преговорите да добијат нов полет. „Поминаа три години откако ЕУ го отвори последното поглавје во преговорите за пристап со Турција“, вели Филе.
Три години во кои на процесот на приближување му беа нанесени голем број противудари.
Сега преговорите треба да продолжат. ЕУ даде зелено светло за отворање на следното поглавје во преговорите со Турција, поточно за темата регионална политика. Тоа не е најважното политичко поле, и со сигурност, дури и ако овој тематски комплекс биде брзо обработен, нема да донесе значителен напредок во процесот на пристапување.