ЕУ одлучи денес да ги суспендира преговорите за ослободување од визи за Русија и се закани дека ќе превземе и други санкции, главно економски, доколку продолжи ескалацијата во Украина.
Лидерите на ЕУ денес одржаа самит во Брисел, во присуство на украинскиот премиер Арсениј Јацењук. Според заклучоците ЕУ постигнала согласност за стратегија на санкциите во три етапи со кои сакаат да ја натераат Русија да преговара за излез од украинската криза.
ЕУ исто така смета дека одлуката на парламентот на автономната република Крим е “нелегална”. Парламентот е проруски и едногласно одлучи овој регион да се припои на Руската федерација.
ЕУ одлучи исто така да го потпише договорот за асоцијација со Украина пред 25 мај кога се закажани изборите во оваа земја.
“Ние сме до Украина и го обновуваме нашиот ангажман да го потпишеме договорот за асоцијација” што Јанукович одби да го потпише во ноември. Претседателот на ЕУ Херман Вам Ромпеј рече дека политичкиот дел од тој договор ќе биде потпишан брзо, пред 25 мај.
За Ангела Меркел ова “политички знак” а претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо изјави дека договорот се однесува на политичка соработка и во областа на надворешната политика и безбедноста. За Баросо, со ова ќе се запечати политичката соработка помеѓу Украина и ЕУ.
ЕУ потсети на тоа дека неделава е доделена помош од 11 милијарди евра за Украина која е во тешка економска состојба. Ван Ромпеј смета дека главниот приоритет е макро-економската стабилност на која, рече тој, “ЕУ веднаш ќе почне да работи” и “ќе усвои трговски мерки” за да и обезбеди на Украина бенефиции на договор за слободна размена. Тоа се однесува пред се на царински тарифи со кои украинските производи ќе можат да се извезуваат во ЕУ. Според Баросо ова може да донесе приход од стотици милиони евра на Украина.