Во разговорите на министрите за надворешни работи на ЕУ во Атина централна тема е украинската криза. Британскиот министер Хејг вели-ситуацијата е многу сериозна, а германскиот, Штајнмајер бара смирување на тензиите.
Анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија во март доведе до најсилните тензии мешу Исток и Запад од крајот на Студената војна. На почетокот на дводневните разговори на ЕУ-министрите за надворешни работи во Атина британскиот министер Вилијам Хејг (на фотографијата) подвлече: „Досега не видовме вистинска деескалација од Москва, па Европа не смее да се олабави“.
Европската висока претставничка за надворешна политика Кетрин Ештон и шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмајер, побараа повторно преземање чекори за смирување на ситуацијата, поврзани со повлекување на руските трупи долж границата со Украина.
Штајнмајер истовремено укажа дека во моментов постои еден вид „пауза“:
„Оваа шанса мора да биде искористена за стабилизирање на политичката ситуација“. Тој истовремено пледираше за создавање меѓународна контакт група, во која ќе бидат застапени Украина и Русија и отворено ќе разговараат за меѓусебните проблеми. Штајнмајер го опомена новото раководство во Киев да ги разјасни злосторствата во Украина, извршени за време на соборувањето на старото раководство.
Западот стравува дека Русија има веќе фрлено око на источниот дел од Украина, каде, исто како и на Крим, мнозинското население има руски корени.
Уште во првиот ден од разговорите во Атина е јасно дека ЕУ уште не воведува решавачки економски санкции против Русија, но ги планира. Моментот за вакви санкции уште не дојден, но ние мораме да ги подготвуваме, изјави Вилијам Хејг. ЕУ смета дека припојувањето на Крим кон Русија е спротивно на меѓународното право и досега воведе забрана за визи и блокирање на банкарски сметки на Запад за 33 Руси и блиски луѓе на соборениот украински претседател Виктор Јанукович. ЕУ-министрите во Атина ја разгледуваат не само долгорочната стратегија кон Москва, туку и кон останатите земји од источното соседство.
Во ЕУ растат стравивите дека за в лето планираното потпишување на договорите за асоцијација со Грузија и Молдавија исто така ќе водат кон тензии во односите со Русија. Можно е постоечките територијални конфликти во двете земји Русија може да ги искористи, како во случајот со Крим, како аргумент за акција за да спречи приближување на Грузија и Молдавија кон ЕУ.
Извор: Дојче Веле