Владимир Путин и украинскиот претседател Петро Порошенко утрово појадуваа заедно во Милано, во обид да се надмине руско-украинската криза.
На евроазискиот самит покрај рускиот и украинскиот претседател присуствуваат и францускиот претседател Франсоа Оланд, британскиот премиер Дејвид Камерон, италијанскиот премиер Матео Ренци и лидерите на ЕУ во заминување Херман Ван Ромпуј и Жозе Мануел Баросо.
Деталите од разговорите се уште не се објавени, но постои надеж за напредок по прашањето за прекин на огнот во источна Украина и надминувањето на проблемите во снабдувањето со гас.
Путин, по посетата на Белград, вчера веднаш допатува во Милано, каде се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел и со италијанскиот претседател Џорџо Наполитано.
Портпаролот на Путин, Димитриј Песков соопшти дека Путин и Меркел разговарале за руско-украинската криза и снабдувањето со гас повеќе од два часа.