Франција ја запиша првата победа во групата А на кошаркарскиот еврошампионат. „Триколорите“, во дербито на второто коло во Хелсинки, ја совладаа Грција со 95:87 и се извадија за поразот од Финска на почетокот на турнирот.
Двете селекции добија по едно полувреме во „Хартвал арена“ – првото им припадна на избраниците на Винсен Коле (по четвртини – 27:15, 28:21), второто на составот на Констандинос Мисас (по четвртини – 21:20, 30:20). Но, Французите овојпат имаа расположено трио играчи кои ја направија разликата за севкупна победа на крајот.
Особено се истакна Жофри Ловерњ кој забележа дабл-дабл ефект. Членот на Сан Антонио постигна 21 поен кон кои додаде 11 скока (4 дефанзивни, 7 офанзивни) за кого Грците немаа противигра. Идентичен кош ефект имаше и Еван Фурние, Нандо де Коло реализира 16 во триумфот со што „триколорите“ повторно „пукаат“ од самодоверба пред дуелите со Полска, Исланд и Словенија во крај на групната фаза.
Најистакнати во грчката селекција, која во еден момент имаше минус 24, беа Јоргос Принтезис со 22 поена, по 15 дадоа Ник Калатес и Костас Слукас.
Полска во првиот меч од денешната програма во Хелсинки го доби Исланд со убедливи 91:61 (по четвртини – 16:14, 25:15, 19:8, 31:24). Второто коло во групата ќе биде заокружено со мечот меѓу Финска и Словенија што е во тек.
ЕП 2017 во кошарка
Група А, 2 коло
Грција – Франција 87:95
Полска – Исланд 91:61
Финска – Словенија во тек
Табела: Грција 3, Полска 3, Франција 3, Словенија 2 (-1), Финска 2 (-1), Исланд 2.