Европол во соработка со земјите-членки на Европската Унија (ЕУ), со Европравда и со Фронтекс вчера започна ја операцијата „Оскар“ која е насочена кон руски поединци и компании кои се под санкции поради војната во Украина.
„Операцијата има за цел да ги поддржи финансиските истраги во земјите-членки на ЕУ против незаконски имот во сопственост на физички и правни лица санкционирани за руската инвазија на Украина“, се наведува во соопштението на Европол.
Операцијата, исто така, е насочена кон откривање на „непочитување на трговските и економските санкции наметнати од ЕУ“.
„Оскар“ ќе трае најмалку една година и ќе се состои од голем број различни истраги, додаваат од Европол.
Европската агенција за судска соработка Европравда ќе ја олесни размената на стратешки и оперативни информации, ќе обезбеди правна помош и поддршка и ќе ја зајакне соработката меѓу националните истражни и судски органи.
Фронтекс, пак, ќе го засили надзорот на луѓето кои ја минуваат надворешната граница на ЕУ.