Германскиот репрезентативец ја врза својата верност кон Арсенал со иднината на францускиот менаџер на клупата
Месут Езил ќе потпише нов договор со Арсенал кога ќе дознае дали и Арсен Венгер ќе остане на менаџерската позиција. Обврските на германскиот репрезентативец кон тимот од „Емирати“ траат до 2018 година, но желба на управата е да го задржи за што е подготвена да го направи и најплатен фудбалер во клубот.
Езил е доследен и пред да парафира, ќе инсистира да знае дали соработката ќе биде продолжена и со Французинот чиј договор, пак, истекува наредното лето.
Конечната негова одлука, според наводи во медиумите, нема врска со финансиите туку, едноставно, сака да продолжи да работи под водство на менаџерот што го доведе во Арсенал во 2013 година.
„Не е само до парите. Арсенал може да освојува титули, но тоа мора да го покажеме. Играме во лига со Манчестер Сити, со Манчестер Јунајтед, со Челзи, со Тотенхем, со Ливерпул. Сите се борат и не може ништо да се гарантира. Преговараме дискретно и во догледно време ќе донесеме одлука“, порача Венгер кој има нов договор на маса по кој размислува дали и ќе го прифати по завршување на сезоната.