Во Европскиот Парламент започна дебатата по извештаите за напредокот на земјите од Западниот Балкан, меѓу кои и за Северна Македонија, по што ќе се гласа за секој од нив. За Северна Македонија една од главните точки е спорот со Бугарија, за кој се очекува да се изјаснат повеќе европратеници на денешната дебата.
Неколку пратенички групи поднесоа посебен Амандман за поддршка за конструктивниот однос на Северна Македонија и критики за провокативните изјави на Софија, но засега е нејасно дали тој ќе добие поддршка.
Известувачот за Северна Македонија и автор на извештајот, бугарскиот европартеник Илхан Ќучук, пред почетокот на дебатата порача дека е важно Северна Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог и да постигнат компромис за Акцискиот план, кој редовно ќе се проценува врз основа на Договорот за пријателство и на овој начин „ќе може да се рестартира европскиот процес за Северна Македонија“ и ќе и се овозможи на ЕУ да ја свика првата меѓувладина конференција.
– Дополнителни одложувања ќе ја загрозат објективноста на процесот на зачленување, треба да се фокусираме на големата слика, потребно ни е да градиме мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат, изјави Ќучук.
Европарламентарката Тања Фајон го нарече неодговорно ветото на Бугарија за Македонија оценувајќи дека нејзините барања се еднострани и немаат ништо заедничко со условите за преговори со ЕУ. Таа и порача на Софија дека мора да го повлече бидејќи му се заканува на процесот на проширувањето на сите земји во регионот.
Ангел Џамбаски лажеше дека над 120.000 Бугари во Македонија немаат право да се декларираат како такви, со порака дека не можеме да го смениме фактот дека Северна Македонија била дел од Бугарија.