Kaj место викано „Клисура“, на автопатот А1 во близина на Демир Капија, синоќа околу 19 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин „Богородица“ ги лишиле од слобода од С.Р. (22) од село Брест, општина Чучер Сандево и Е.Ј. (25) од село Арачиново.
При преглед во возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал С.Р., а сопатник бил Е.Ј., биле пронајдени 14 лица-мигранти, по шест лица од Сирија и Пакистан и две лица од Авганистан.
„Возилото не застанало на знак за запирање од полициски службеници, а кога, конечно, било запрено возачот, совозачот и мигрантите се обиделе да избегаат, но биле спречени и лишени од слобода“, соопштија денеска од МВР.
Двајцата криумчари биле приведени во Полициската станица Неготино за натамошна постапка, а мигрантите биле спроведени во Транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.